Владата и ЗНМ постигнаа договор за декриминализација на клеветата и навредата
Владата и Здружението на новинарите на Македонија денеска постигнаа договор за целосна декриминализација.
Како што објавија на прес-конференција вицепремиерката за евроинтеграции Теута Арифи и претседателот на ЗНМ Насер Селмани клеветата и навредата ќе бидат тргнати од Кривичниот законик, а оваа материја ќе се регулира со посебен граѓански закон.
Арифи истакна дека за една недела тие ќе излезат со заокружени одредби во оваа насока.
Декриминализацијата, како што информираат од ЗНМ, значи дека навредата и клеветата нема веќе да биде кривично дело, ќе се укине затворската казна, ќе се воведе каскадна одговорност, се воведува и судска пракса од Стразбур...
Текстот на законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, кој е во подготовка, меѓу другото ќе содржи и одредби за клевета и навреда и висината за казните за евентуално осудените новинари и уредници. Висината на казната, според ставовите на ЗНМ, треба да се одредува во зависност од платата на новинарот, условите под кои работи, ефектот што спорниот напис го постигнал, медиумот каде што работи... Новинарите бараат каскадна одговорност што значи за објавениот текст да не одговара само новинарот, туку и уредникот и во одредени случаи редакцијата.
Од ЗНМ информираат дека е постигнат договор во однос на редефинирање на клеветата. Во нацрт-документот сега клеветата се дефинира како „изнесување на невистинити факти“ додека во се уште актуелниот член во Кривичниот законик гласеше „изнесување на невистинити нешта“. Ставовите допрва ќе се усогласуваат во однос на дефинирањето на навредата и висината на казните. Се уште нема временска рамка за донесување на овој закон, но во моментот кога законот ќе стапи во сила ќе запрат сите активни тужби и судски предмети на новинари. Во моментов активни се 167 тужби за новинари.
Од ЗНМ, сепак, укажуваат дека новинарите и медиумите треба да ги почитуваат професионалните стандарди за работа.
На денешната средба во Владата покрај вицепремиерката Арифи присуствуваа и министрите за внатрешни работи, за транспорт и врски, за правда, за информатичко општество и администрација, за труд и социјална политика, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Блерим Беџети, Иво Ивановски, Спиро Ристовски и претставници на Здружението на новинарите.