Мерките од Планот за чист воздух на Владата во интегрирана акција со локалната власт и граѓанските здруженија придонесуваат за намалување на аерозагадувањето

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули денеска оствари работна средба со градоначалникот на Општина Кавадарци Митко Јанчев, на која се разговараше за поддршката што општината ја доби од програмата на МЖСПП за намалување на загадувањето, и за промена на стари врати и прозорци за енергетски ефикасни објекти на дел од општинските и подрачните училишта.

„Ме радува што заеднички соработуваме во зачувувањето на здравата животна средина, но и намалувањето на аерозагадувањето, како еден од најголемите предизвици што постои во нашата земја. Денеска во рамки на имплементацијата на Планот за чист воздух на Владата на Северна Македонија, заедно со градоначалникот на општина Кавадарци, посетивме дел од училиштата каде се врши замена на загадувачките системи за затоплување со еколошки, како и на објектите каде е предвидена замена на старите прозорци и врати, со цел подобрување на енергетската ефикасност. Она што сакам да го нагласам е дека ова не само што е добро за децата кои учат таму, туку тоа значи и заштеда на пари“, рече заменик министерот Макрадули.

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули и градоначалникот на Општина Кавадарци Митко Јанчев потоа направија обиколка на објектите кај кои веќе се спроведуваат активности за енергетската ефикасност во вкупна вредност од 1,8 милиони денари во основните училишта „Страшо Пинџур” во Возарци, „Страшо Пинџур” во Дреново, „Тоше Велков Пепето” во Кавадарци, потоа во ЕМУЦ „Киро Спанџов“ во Кавадарци и во ученичкиот дом во Дреново. 

Како дел од мерките од Планот за чист воздух, ќе бидат заменети нееколошките системи за греење на јавните во ОУ „Димката Ангелов – Габерот“ и во детската градинка „Рада Поцева” во Кавадарци и за овие интервенции се определи 5,2 милиони денари.

„Во една заедничка борба, ќе успееме да се справиме со предизвиците за заштита на животната средина. Успехот зависи од интегрирана и координирана акција на сите чинители, на централната и локалната власт, деловната заедница и граѓанските здруженија“, истакна заменик министерот Макрадули.