Во рамки на Планот за чист воздух, се поддржа проектот „Зелен лист, воздух чист“, иницијатива на Факултетот на земјоделски науки и храна и Шумарскиот факултет во Скопје, каде во секоја скопска општина се предвидува зголемување на процентот на зеленило со плодородни дрвја - овошни урбани паркови и урбани градини, во градинките, основните и средните училишта.
За таа цел, денеска заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули заедно со градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски пред објектот на ЈДГ „Весели цветови“, „Синоличка“ со засадување на бадеми го означија почетокот на активноста за зазеленување на дворната површина.
Во периодот што следува „Синоличка“ ќе добие зелена ограда од зимзелени садници, нова тревна површина, а нејзиниот двор ќе го збогатат повеќе елки, зимзелени магнолии, багреми, лешници, дуњи и туји.
Дворот ќе го разубават и разни видови цвеќиња. Со ова хортикултурно уредување, на површина од 2.596 м2 ќе бидат засадени вкупно 250 дрва. Додека за одржување на зеленилото ќе биде поставен нов систем за полевање со прскалки.
Оваа мерка има двојна функција и значење, како во однос на грижата и одговорноста кон животната средина, така и во однос на унапредување на воспитно-образовниот процес на нашите деца.
Од Планот за чист воздух, за Општина Кисела Вода издвоени се средства од 1,5 милиони денари за хортикултурно уредување и реконструкција на дворна површина со зелена површина на ЈДГ „Весели цветови“, „Синоличка“.