Премиерот Заев: Изградбата на сточарска фарма во Прилеп ќе придонесе во развојот на сточарството, ќе обезбеди домашно производство на месо и нови работни места

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев за изградбата на сточарска фарма „Голд Ленд“, рече дека е придонес за локалниот економски развој на Општина Прилеп и околината преку зголемување на бројот на вработени, промоција на локалната економија на домашниот и дел од пазарот во опкружувањето со доближување до највисоките светски стандарди за безбедно производство на храна, со исполнување на барањата на купувачите.

„Ова е најголемата ИПАРД инвестиција и среќен што денеска тоа може да го обзнаниме. Ова е многу суштествен инвестициски објект што ќе се гради за развој на гоење на говеда и на сточарството воопшто во државата, која во голема мерка говедското месо го обезбедува со увоз. Значајно е дека ќе се отворат нови работни места и ќе имаме конечно производство на говедско месо дома, во нашиот пазар и за нашите граѓани“, рече премиерот Заев и додаде дека оваа инвестиција исто така преставува симбиоза на големото пријателство помеѓу Република Северна Македонија и Сојузна Република Германија, што во трговската размена преминува 4 милијарди евра.

Премиерот Заев истакна дека оваа инвестиција е пример како треба искуството и знаењата од странство да се донесат дома и прати порака до младите, да се вратат дома, бидејќи тука има услови за инвестиции, развој и за прогрес.

„Тоа го потврдува оваа компанија. Низ призмата на поддршката преку ИПАРД програмата и секаква институционална поддршка, покажуваме дека водиме грижа за рамномерниот регионален развој, локалниот економскиот развој и севкупниот економски развој на државата, која е сервис и ви се наоѓа за реализација на идеите“, заокружи премиерот Заев.

 

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, од функција на Национален ИПА Координатор, објасни дека преку програмата ИПА за рурален развој на располагање за периодот 2014-2020 години стојат 60 милиони евра и рече дека е убеден во успешното користење на овој инструмент.

„Ова е директна подготовка на земјата и на земјоделскиот сектор за спроведување на Европската земјоделска политика и фондовите кои стојат на располагање при членство. Од мој аспект со задоволство можам да констатирам дека искуството за користење на овие средства се зголемува и од аспект на институционален капацитет и од аспект на задоволување на потребите на корисниците и достапност на извори на финансирање на своите бизнис идеи и потенцијали“, истакна Османи, и додаде дека преку институционалното усогласување со Политиката за безбедност на храна на ЕУ, се постигнува конкурентност на македонските компании и можност за пласман на македонските производи во ЕУ.

 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, посочи дека компанијата „Голд ленд“, има повлечено најмногу финансиски средства од мерката Инвестиции во материјални средства за земјоделски стопанства од ИПАРД 2 програмата. Вкупната инвестиција е во износ од 2,5 милиони евра, од кои 1,5 се средства кои по изградбата на комплексот ќе бидат вратени на сметката на инвеститорот.

„Инвестициите во сточарството, особено во гранки како што е говедарството, се од исклучително значење за месната индустрија, којашто изминативе две и пол години бележи развој“, изјави министерот Димковски.

 

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски рече дека ова е историски момент, бидејќи за прв пат не враќаме пари и државата нема да плаќа казни за неискористени средства, туку ќе бараме повеќе пари од ЕУ за реализација на што повеќе вакви успешни капацитети кои ќе го развиваат домашниот агро-сектор.

„Дека сме на прав пат покажуваат и последните податоци. Преку ИПАРД 2 програмата, до денеска да се склучени 1.441 договори со вкупна вредност од 32,2 милиони евра“, истакна директорот Бабовски и најави дека тече новиот повик за Мерката 1 - Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства.

 

Изградбата и опремувањето на оваа сточарска фарма - „Голд Ленд“ со современа опрема по европски стандарди, претставува инвестиција вредна безмалку четири милиони евра. Преку 2,5 милиони евра се прифатени како дел за заедничко финансирање, од кои еден милион евра се обезбедени од инвеститорот, останатите финансиски средства како неповратен грант се обезбедени од ИПА во вредност над еден 1,1 милион евра, додека националното кофинансирање изнесува 375.000 евра.