Министерската за одбрана, Радмила Шекеринска денеска заедно со британскиот бригаден генерал, Хју Лојд Џонс ги посетија припадниците на Армијата во Касарната „Јане Сандански“ во Штип. Во изјава за медиумите таа рече дека штипската Касарна е место за добри вести.
„Тука бев кога за прв пат најавивме подобрување на условите за работа и покачување на платите на припадниците на Армијата пред две години. После две вакви покачувања, денеска во Штип можам да потврдам на сите припадници на Армијата дека од крајот на овој месец, платите на сите цивилни лица во Армијата ќе бидат дополнително зголемени за 10%, а дека со почеток од март, сите припадници на Армијата, оние коишто имаат над три годишни договори, ќе добиваат месечни надоместоци за станарина во износ од 7 000 денари секој месец. Тоа значи дека ако пред две и пол години, платата на одреден професионален војник изнесувала 20 000 денари , тогаш заедно со овие покачувања, заедно со станарината, тој или таа сега секој месец ќе добиваат над 30 000 денари, што значи дека токму за оние коишто имаат најниски примања во Армијата, зголемувањето на месечните приливи ќе биде над 50%“, рече Шекеринска.
Шекеринска додаде дека на овој начин се зголемува мотивираноста и желбата на припадниците да продолжат тука да работат, но и се подобруваат условите со што се покажува дека нашата Армија е подготвена да биде Армија на НАТО.
„Во кампањите коишто ги водевме изминативе години, велевме „Ние сме НАТО“. Оваа година навистина ќе станеме членка на оваа најголема Алијанса. Меѓутоа членството значи и повисоки стандарди и повисока професионалност и повисоко знаење. И затоа ми е навистина задоволство што токму во Штип ќе биде лоциран нашиот главен НАТО ресурс, лесната пешадиска борбена група која што ќе ги има и повисоките стандарди на обука и повисоките стандарди во дел на опремата. На крајот на минатата година успеавме да го потпишеме првиот договор со кој обезбедивме оклопни возила токму за оваа група. Меѓутоа, опремата е еден дел од процесот. Најважниот дел во нашиот процес се луѓето. Покажавме дека ни се важни со зголемување на нивните приходи, но сега денеска овде во Штип и во Криволак, покажуваме дека ни е важно пред се нивното знаење и сакам да ја изразам мојата благодарност до Обединетото Кралство кое што во овој момент е фокусирано токму на обука на луѓето кои што ќе бидат окосницата на оваа борбена група. Денеска еден дел од нив се тука во Штип, еден дел се на терен во Криволак. Навистина ќе ни биде задоволство низ вакво сојузништво со една од нашите стратешки партнери, Обединетото Кралство, да покажеме за што се е подготвена нашата Армија. Ова е плус за нас ова е плус за припадниците на Армијата, но ова ќе биде и плус во поглед на НАТО ресурсите, сите за еден и еден за сите,“ рече министерката Шекеринска.
Бригадниот генерал, Хју Лојд Џонс изјави дека Обединетото Кралство со нетрпение очекува да ја поздрави Северна Македонија како 30-та членка на семејството на НАТО.
„Лесната пешадиска баталјонска група што ја развива Армијата на Република Северна Македонија ќе биде подобро опремена, подобро обучена и ќе има подобри ресурси од било која друга конвенционална единица што ја претставувала АРСМ на терен. Оваа способност ќе биде организирана и обучена во согласност со НАТО стандардите и ќе биде основа на воениот придонес на Армијата кон Алијансата“, рече Џонс.
Тој додаде дека Обединетото Кралство многу ја цени можноста да даде своја поддршка на приемот на Северна Македонија во Алијансата и да обезбеди практична помош во развојот на Лесната пешадиска баталјонска група.
Обуката ја изведува тим за обука од Вториот баталјон на полкот на Војводата од Ланкастер. Дел од обуката беше презентирана пред министерката Шекеринска и бригадниот генерал Џонс. Во моментов на полигонот „Криволак“ се врши лесна пешадиска и лидерска обука за 30 потенцијални подофицери од првата пешадиска чета.
Целта на обуката е создавање на врвна обучена единица која ќе биде интероперабилна со НАТО тактиките и процедурите за изведување на здружени, комбинирани операции.