Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, се сретна со Нивес Тигањ, амбасадорката на Република Хрватска во нашата држава.
На средбата е изразена силна поддршка од Република Хрватска за реализацијата на полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО, како и за заслужениот исчекор на државата во европските интеграции.
Соопштен е јасно ставот на премиерот Пленковиќ и на Република Хрватска, којашто од овој месец го презеде претседавањето со ЕУ, дека Хрватска ќе настојува и за успех на нашата држава во европските интеграции, по затворањето на сите важни и суштински прашања во делот на реформите и добрососедските односи и успехот во НАТО интеграциите.
На состанокот е поздравена посветеноста на премиерот Спасовски и на Владата кон реформите, дијалогот, добрососедските односи и во овој клучен период за интеграциските процеси на државата и е изразена надеж дека сите политички субјекти ќе ги имаат во фокус првенствено интересите на државата.
Во таа насока заеднички е констатирано дека е добро сите да дадат свој придонес во донесувањето на Законот за јавно обвинителство, којшто мора да обезбеди гаранции за ослободување на обвинителството од политички притисоци и овозможување кривични гонења согласно закон, со што ќе се покаже дека секој во државата е еднаков пред законите.
Премиерот Спасовски се заблагодари на премиерот Пленковиќ и на Република Хрватска за континуираната поддршка на напредокот на нашата држава.
„Цврсто сме определени да даваме натамошни аргументи дека нашето место е во НАТО и во ЕУ. Затоа и јас како премиер и Владата работиме на континуитет на реформските процеси, на дијалогот, на добрите односи меѓу заедниците дома, на добрите односи со соседите и настојуваме ваквиот позитивен пристап на изнаоѓање решенија да го поттикнеме кај сите политички субјекти во државата. Заслужено очекуваме напредок во евроинтеграциите“, рече премиерот Спасовски.
На средбата е оценето дека широката политичка поддршка во Парламентот и за ратификацијата на протоколот за НАТО и за Протоколот за НАТО и за Изборниот законик, којшто треба да ги имплементира забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, вклучувајќи ја и можноста за донесување на Законот за јавното обвинителство, како и организирањето и спроведувањето фер избори, ќе бидат дополнителни аргументи за зрелоста на политичките субјекти и за демократските капацитети на државата.