Конференција за искуствата од Болоњскиот процес во високото образование
На 12 март во Ректоратот на Скопскиот универзитет ќе се одржи меѓународна конференција на тема „Искуствата од воведувањето на Болоњскиот процес“, во организација на Министерството за образование и наука и Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП).
Целта е да се идентификуваат недостатоците и идните предизвици на оваа крупна реформа во високото образование, која Република Македонија ја почна по потпишувањето на Болоњската декларација, во септември 2003 година.
За две главни теми ќе се дискутира на конференцијата во Скопје - новините од воведувањето национална рамка на квалификации и на европскиот кредит трансфер систем.
Министерот Панче Кралев на прес-конференција рече дека целта на конференцијата е да се утврдат сите слабости и предности за да се изгради високообразовен модел што ефектно ќе ги остварува целите на Декларацијата.
- Дебата е неопходна и е во интерес на сите страни во процесот - универзитетите, професорите, истражувачите, студентите....Сакаме да ги согледаме досегашните искуства, успеси и недостатоци на системот. Дебатата ќе биде евалуација на сработеното и ќе ни помогне заедно да утврдиме насоки за натамошно водење на оваа реформа, рече Кралев.
Извршниот директор на ЦИКП Марија Ристевска рече дека на конференцијата ќе има домашни и експерти од Данска и Словенија, претставници на сите акредитирани високообразвни установи во Македонија, студентските сојузи и невладиниот и бизнис-секторот.
Министерот Кралев не го откри својот став за квалитетот на високото образование по пристапувањето кон Болоњскиот процес, кој овозможи голема проодност на студентите од една во друга студиска година, висок процент на дипломирани и на магистри. Не ги коментираше и мислењата на некои професори дека најголема слабост на Болоњскиот процес е објективноста во оценувањето на студентите.
- Ниеден систем не е совршен, но наше е да создадеме клима на дебата на која од учесниците на конференцијата ќе добиеме корисни сугестии и предлози за примената на оваа реформа во иднина... Искуствата на различни земји и универзитети ќе помогнат во зацврстување на системот, рече ресорниот министер.
Ристовска се надоврза дека една од целите на Болоња е да се подобри транзицијата од една во друга година, зашто пред 2004 само 7 отсто од тие што се запишувале на прва година ги завршувале навреме студиите.
- Болоњскиот систем е насочен на подобрување на тие стапки на транзиција од една во друга година, а особено кон подобрување на стапката на завршување на студентите, а со тоа и да се покрене и степенот на образованост на европските нации, рече Ристевска.
Ректорот на УКИМ Велимир Стојковски, кој на 12 март ќе биде домаќин на конференцијата, пред две недели изјави за медиумите дека „во секој процес постои време кога треба малку да се застане и да се набљудува наоколу каде одиме и каде треба да одиме и што сме направиле“.
- Ништо не е страшно ако се направи пресек што сме добиле со Болоња, а што сме изгубиле. Несомнено дека овој процес многу и помогна на Република Македонија зашто ги отвори вратите на земјите на ЕУ за мобилност, пред се на студентите и академскиот кадар, стекнување нови видици и искуства во партнерските универзитети. Но, се разбира дека има и недостатоци, а интенција на сите нас е нив да ги подобриме, а да ги задржиме придобивките на Болоња. Таа конференција не значи дека а приори треба да се откажеме од процесот. Треба само да постапуваме умно и да видиме стратешки по кој пат понатаму треба да се движи високото образование во Македонија, додаде ректорот Стојковски.