Отворена нова Инсулинска аптека во Поликлиниката во Ѓорче Петров
Нова Инсулинска аптека е отворена во Поликлиниката во Ѓорче Петров, која денеска ја посети министерот за здравство Никола Тодоров.
- Во Поликлиниката гравитираат над 70.000 граѓани. Со отворањето на аптеката имаме намера да ја растеретиме турканицата која ја имаше во Инсулинската аптека во Поликлиниката Букурешт во Карпош, имајќи предвид дека таму опслужуваа над 5.000 пациенти. Со отворањето на Инсулинска аптека во Поликлиниката во Ѓорче Петров очекуваме околу 1.650 пациенти со некоја тенденција од 10 проценти зголемување годишно, рече Тодоров.
Ова, посочи тој, е една новина која новиот менаџмент на Здравствен дом-Скопје ја презема заради подобро организирање на работите особено во Поликлиниката во Ѓорче Петров.
Со Програмата за 2012 за обезбедување инсулин, глукагон, инсулински игли, ленти за мерење шеќер во крвта...се предвидени четири ленти дневно за пациентите со тип 1 дијабетес или 125 ленти месечно. За лицата со тип 2 дијабетес се предвидени четири ленти месечно.
Одговарајќи на новинарско прашање, Тодоров рече дека Поликлиниката во Ѓорче Петров има потреба од кадар, како и сите здравствени установи во Македонија.
- Од 200 нови согласности кои ги обезбедивме за вработување на персонал еден дел ќе бидат наменети за Здравствен дом-Скопје. Во наредниот месец ипол до два ќе бидат завршени процедурите за вработувањата. Најургентно во Поликлиниката е немањето на доктор специјалист по оториноларингологија. Една од согласностите кои ќе ги обезбедиме за Здравствениот дом Скопје ќе бидат наменети за доктор специјалист по оториноларингологија, истакна Тодоров.
Укажа дека има и други проблеми кои се поврзани со недостиг од кадар, и поголем број доктори се во пензија.
- За Здравствениот дом-Скопје се договоривме дека ќе обезбедиме седум нови вработувања. Имаме сериозни проблеми со недостиг на кадар и во други поликлиники или во други делови од Здравствен дом-Скопје на пример во Драчево, каде има проблем со рентген, интерна медицина итн, посочи Тодоров.
Од друга страна, појасни тој, во Здравствен дом-Скопје има друг тип персонал кој во некој дел е вишок и со директорката се договоривме еден дел од тој персонал да го трансферираме таму каде има потреба.
- Направивме начелен договор еден дел од среден медицински персонал трансферираме во Новата градска болница во Скопје, рече Тодоров и додаде дека во текот на викендот објавиле огласи во весници со кои бараме да се пријават специјалисти кои сакаат да бидат испратени на едукација од еден до девет месеци во врвните центри во странство.