Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, се обрати на седницата на Собранието на Република Северна Македонија посветена на ратификацијата на Договорот за стапување во членство на Северна Македонија во НАТО.
Во прилог на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Спасовски во целост:
Во овој дом на демократијата, во домот на македонската демократија, во 1993 година, членовите на првиот парламентарен состав на Собранието на Република Македонија, на 23 декември, донесоа Одлука за стапување на Република Македонија во членство во НАТО.
Одлуката беше усвоена со мнозинство гласови од сите застапени партии во парламентот. Од тој ден, заедно со одлуката за земјата да ги отпочне процесот за членство во Европската Унија, овие две стратешки цели за граѓаните на нашата земја станаа непоколебливи константи.
Денес, дваесет и седум години подоцна, Република Северна Македонија, на овој пратенички состав му припадна честа, во името на сите нивни претходници во пратеничките клупи, во име на сите граѓани на нашата земја, да го ратификуваат Договорот за пристапување во членство во НАТО.
Веднаш откако Шпанија, како последна земја ќе го ратификува Протоколот за пристапување на Северна Македонија, нашата земја ќе го депонира договорот во Вашингтон во Соединетите Американски Држави, како земја депозитар која ги чува ратификуваните договори на сите земји членки, заедно со основачкиот договор за НАТО од 1949 година.
Силна е таа симболика, тој чин на пристапување во најмоќниот безбедносен сојуз во светот.
Достоен е тој чин на припадност и на прифаќање.
На 3 декември минатата година, на 70-годишнината од основањето на Северно-атлантската алијанса, нашата земја почувствува што значи да се биде рамноправен член на семејството.
Со учеството на овој состанокот на лидерите на земјите членки на НАТО во Лондон, Северна Македонија ја потврди определбата за целосно споделување на принципите за заедничка безбедност и за градење силни трансатлантски односи во најмоќниот воен и политички сојуз. Сојуз заснован на демократски вредности, како основа за заеднички просперитет и за напредок на земјите членки.
Сојуз кој гарантира цврсти граници за безбедна иднина на нашите деца, за сите наши граѓани!
Безбедносен штит на најмоќниот воен сојуз во светот во кој учествуваме како партнер еднаков со сите.
Република Северна Македонија од консумент стана гарант и извозник на безбедноста!
Голем е тој пресврт. Тоа е достигнување достојно за влогот на сите претходни генерации граѓани на нашата земја, на сите политички лидери кои искрено се вградија во овој процес.
Тоа е достигнување вредно за сите идни генерации. Тоа е нашиот влог за иднината на нашата земја.
Почитувани,
Кога реков дека нашите аспирации за членство во НАТО и Европската Унија во изминатите речиси 30 години, беа константа како наши стратешки определби, не реков дека беше лесно.
Историјата се пишува со храбри одлуки. Историјата се пишува со компромиси достоинствени и прифатливи за сите страни. Кога сите мислеа дека нема излез, беа преземени чекори што не извлекоа од минатото и безизлезот и ни ги вратија перспективите за нашите аспирации за членство во НАТО и ЕУ во нивната полна и извесна реалност.
Во таа насока, на овој наш заеднички и свечен чин денеска, должни сме да оддадеме признание за работата на мојот претходник Зоран Заев. Како претседател на Владата, Заев од втората половина на 2017 година, за само две и пол години презеде иницијативи кои беа крунисани со успех и кои го овозможија овој денешен настан да биде реалност – ратификување на Договорот за стапување во членство во НАТО во Собранието на Република Северна Македонија.
Во дијалог и соработка со неговите колеги Алексис Ципрас и Бојко Борисов, беше ставен крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите.
Од тотална изолација на меѓународната сцена, направивме пресвртница и ја вративме Северна Македонија на агендата на Европската Унија и на НАТО и добивме членство во НАТО.
Договорот од Преспа го потврди и го афирмираше нашиот идентитет.
Граѓаните на Северна Македонија поднесоа навистина голема жртва. Пратениците во Собранието донесоа тешки, но историски одлуки.
Сите тешки одлуки ги донесовме согласно важечките закони, низ легални процедури.
Не беше едноставно да се помине низ процесот за промена на името на државата.
Сепак, се согласивме да додадеме географска одредница пред името на нашата држава, а да ги задржиме сите идентитетски обележја на нацијата.
Имаме историско, решение за сите наши, вековни стремежи. Решение кое што го зајакна идентитетот македонски.
Македонскиот јазик или македонскиот народ повеќе не се спорни пред ниту еден меѓународен форум или настан. Свои сме на своето и тоа конечно e признаено од сите во меѓународната заедница.
Со Грција ги отворивме страниците на пријателство. Трасираме пат за заедничко стратешко партнерство. Го урнавме ѕидот што не делеше и издигнавме пријателство меѓу двете земји и двата народи, пријателство кое како сојузници ќе го чуваме, негуваме и унапредуваме.
Грција беше првата земја, членка на НАТО, која што го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО за Република Северна Македонија. Така прават пријателите.
Ја вративме нашата земја повторно на мапата на светот. Рекоа: Северна Македонија е блескав пример.
Големите визии можат да се реализираат само преку акција, преку храбра иницијатива. За да ја постигнеме нашата цел бевме фокусирани и постојано се повикувавме на градење доверба и на создавање пријателски амбиент и шанса за креативен дијалог и за сите решенија со потенцијал.
Научивме дека треба да учиме од историјата, а не да ја повторуваме. Ја повторувавме лекцијата која порачува дека кога земјите се во мир, таков ќе биде и светот, а кога земјите се во агонија, страда и светот. На темелите од минатото – градиме иднина.
Овде, во домот на македонскиот парламентаризам, на 27 април во 2017 година се соочивме со најбруталната закана за слободата и демократијата.
Тоа беше критична ситуација. Точка од која граѓаните на нашата земја рекоа дека нема да дозволат враќање назад.
Граѓаните рекоа „НЕ“ на физичкото и на политичкото насилството.
Почитувани,
Денес можеме гордо да кажеме: Времињата на несигурност и на нестабилност се зад нас.
Северна Македонија е на јасен, чист пат, заедно со најсилните сојузи во светот.
Одиме по пат кој ни обезбедува подобар и повисок стандард, посигурни граници и припадност кон семејство од нации ориентирани кон иднината.
Од оваа најголема и благородна цел нема отстапување.
Република Северна Македонија станува 30-та земја членка на НАТО.
Нашата Армија се модернизира и ги подобрува оперативните способности.
Ги зголемивме буџетите за армијата и безбедноста, но паралелно со тоа ја зголемивме отчетноста и транспарентноста во нивното трошење.
Почитувани,
Во оваа пригода сакам да оддадам посебна благодарност за нашите сојузници од регионот, земји членки на НАТО кои несебично и целосно се ангажираа и се посветија на поддршката за време на целиот пат до нашето членство во НАТО.
Ги споделуваа со нас нивните искуства. Несебично ни го даваа нивниот ноу-хау за да го забрзаме процесот за постигнување на нашите воено-безбедносни стандарди. Беа рамо до рамо со нашите војници во Авганистан, во Босна и Херцеговина, Ирак, Либан и во мисијата за поддршка на Косово.
Сите за еден, еден за сите.
Во тоа име денеска имам чест да ги поздравам и да им се заблагодарам на претседателот на Собранието на Република Словенија Дејан Жидан, на потпретседателката на Собранието на Република Албанија, госпоѓа Василка Хуси, на вршителот на должноста претседател на Парламентарното собрание на НАТО, господин Атила Местерхази, на генералната секретарка на Парламентарното Собрание на НАТО, госпоѓа Руксандра Попа, на пратеникот и шеф на Делегацијата на Хрватскиот Сабор во Парламентарното Собрание на НАТО, господин Мирослав Туѓман.
Почитувани пријатели,
Завршувам со тоа дека денес можеме слободно да кажеме дека сме горди на постигнатото. Остваривме една од стратешките цели околу кои сме обединети. Нека биде така и во остварувањето на нашата втора стратешка цел – членството во Европската Унија. Нека биде така секогаш кога се во прашање интересите на сите наши граѓани, на државата.
Големи, огромни честитки, заслужуваат граѓаните, пратениците од овој и од сите претходни состави на Парламентот, членовите на оваа, и на сите претходни влади.