Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски во рамките на програмата за учество на донаторската конференција „Заедно за Албанија“, што ја организира Европската Комисија, оствари средба со претседателката на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен.
На средбата на која премиерот Спасовски го придружуваше и заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, претседателката на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен го честиташе донесувањето на Законот за јавно обвинителство, како и сите други реформски закони донесени пред распуштањето на Собранието, и нивното усвојување го оцени како храбри одлуки на пратениците во Собранието, Владата и граѓаните на Република Северна Македонија.
Усвојувањето на овие, како и на сите претходни реформски закони што ги донесоа Владата и Собранието на Северна Македонија, се импресивни во остварувањето на реформите и ги исполнуваат високите очекувања што ги постави Европската Комисија, беше речено на средбата.
Во продолжение на средбата стана збор за извештајот на Европската Комисија за напредокот на земјата на почетокот на март 2020 година, и дека се очекува со овој извештај и со новата методологија да се направи чекор напред во прогресот на интеграцијата на Северна Македонија.
Премиерот Спасовски на средбата со претседателката на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен ја истакна посветеноста на Владата во спроведувањето на реформските потфати, и во имплементацијата на Договорот од Преспа и на Договорот со Бугарија, кои се од посебна важност за иднината на државата.
Тој нагласи дека Владата, Собранието и граѓаните направија се што требаше за краток период и дека сега очекуваат, во скоро време, ЕУ да ги донесе вистинските одлуки за почеток на преговорите според новата методологија.