Македонските винарници заеднички ќе освојуваат нови пазари

Заеднички настап на македонските винарници за освојување нови пазари со цел успешен пласман на македонските вина, е клучниот заклучок од денеска презентираната Стратегија за винскиот сектор, како маркетинг план за извоз на вино од Македонија.

Анализите покажуваат дека најголем потенцијал за успешен пласман на македонските вина има на пазарите во Холандија, Словенија, Швајцарија  и Полска. Тие пазари се покажале како најпотенцијални врз основа на параметрите големина на пазарот, потрошувачка на вино по глава на жител, очекуван раст, можни бариери и можна пенетрација на пазарот, достапност, приемливост за нови вина и можни закани за македонското вино.  

Според заклучоците од Стратегијата, за годинава е предвидено здружување и заеднички настап на македонските винарници преку деловни здруженија, промоција на Македонија и македоонските вина на таргеираните пазари, развој на ознаки за георграфски потекло и развој на винскиот туризам. Холандскиот е првиот пазар на кој во мај годинава ќе почнат заеднички активности, а до крајот на годината и на останатите пазари.

Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димоски, заеднички настап на странските пазари на македонските винарници е од исклучително значење за успешен пласман, што  во голема мера ќе го подобри извозт на виното како стратешки национален извозен производ. - Стратегијата за извоз на македонското вино и нејзиниот основен заклучок за заеднички настап на македонските винарски визби целосно се совпаѓа со одредбите на Стратегијата за развој на лозарството и винарството во Македонија за периодот 2010 - 2015 која ја донесе Министерството за земјоделство, рече министерот Димоски.

Тој најави  поддршка на проекти, со кои, како што посочи, постојано се надградува јавно-приватното партнерство во  овој сектор и се подобрува имиџот на Македонија како земја на виното. Минатата година е  една од најуспешните во пласманот  на македонското вино, и покрај економската и должничката криза, информира Димоски и најави дека наскоро Министерството ќе објави и официјални показатели за тоа.

Експертот за вино  и консултант за стратегијата Марко Тигелман порача дека заедничкиот настап на македонските компании е единствениот начин за освојување на пазарите за извоз. - Пазарот на вина во Европа е многу конкурентен и  речиси е невозможно за една индивидуална винарија успешно да се продаде поради што за Македонија  ова  е единствениот начин за освојување на пазарите за извоз, укажа Тигелман. 

Македонскиот вински сектор, посочи, има многу  добри вина. Направени се многу големи инвестиции во последните години  и е обучен кадар што претставува добра основа  за успешен настап на странските пазари.

Според Ѓорѓи Петрушев, извршен директор на здружението „Вина од Македонија“, за подобрување на  извозот првин треба да се постигне висок квалитет, којшто треба да биде проследен со промоција на Македонија како винска земја.

- Почнуваме со промоција. Пред две години утврдивме дека поединечните напори нема да вродат  со плод многу бргу и одиме понатаму. Веќе неколку промоции се направени успешно  и Македонија почнува да биде забележувана на  светската винска карта, изјави Петрушев и додаде дека се повеќе има поддршка од  државата. Во последниоте две години имаме големо разбирање и во креирањето на политиките за поддршка и во реализација на самите програми, посочи Петрушев.

За квалитетот на македонското вино треба да дознае целиот свет, нагласи холандската  амбасадорка Мариет Шурман. Преземени се многу индивидуални иницијативи од многу  винарии, но, наведе Шурман, од клучно значење е целиот сектор да работи заедно ако навистина сакате да го зголемите потенцијалот за извоз и конкурентноста на македонските вина.

Во Стратегијата за винскиот сектор се анализирани негови различни аспекти, можностите за извоз и потенцијалите и карактеристиките на странските пазари. Ја изработија стручни тимови од 10-ина винарници членки на Здружението „Вина на Македонија“  кои учествуваат со 90 проценти во вкупниот извоз на вино од државава,  како и експерти од МЗШВ, со поддршка на холандската агенција CBI  и АгБиз програмата на УСАИД.

Лозарството и производството на вино во македонскиот земјоделски бруто домашен производ учествуваат со околу 20 проценти. Виното е на прво место во извозот на алкохолни пијалоци, а второ место од сите земјоделски производи во однос на остварен девизен прилив.