Од 11-тата седница на Владата: Мерки за превенција од корона вирусот за заштита на јавното здравје и здравјето на граѓаните; Мултиетнички Центар за третман на деца со аутизам АДХД и Аспергеров синдром во Тетово

Владата на Република Северна Македонија на денешната седница, врз основа на препораките на Кризниот штаб за справување со „корона“ вирусот на Министерството за здравство, и на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, донесе повеќе заклучоци од интерес за заштитата на јавното здравје и здравјето на граѓаните.

На седницата е утврден заклучок Министерството за здравство, да формира постојан центар за информирање на јавноста во кој ќе бидат вклучени и Граничната полиција, Центарот за управување со кризи и Секторот за односи со јавноста во Владата.

Овој центар ќе воспостави тесна соработка со медиумите во земјата, и ќе има за цел да ги прибира сите релевантни информации и со цел навремено, точно и најсоодветно информирање на јавноста за превенција и заштита на населението од ширење на корона вирусот, како и за постапките и институционалната рамка во делот на лекувањето на последиците од вирусот.

Владата донесе заклучок да го ограничи влегувањето во земјата од кризните подрачја од Северна Италија само  преку аеродромите во Скопје и Охрид и граничните премини Ќафасан, Табановце, Блаце, Богородица и Деве Баир.

Владата му наложи на Министерството за здравство итно да набави соодветна количина на заштитни средства (маски, ракавици, дезинфекциски средства и заштитна облека) за институциите од системот за Интегрирано гранично управување и за другите институции со цел заштита на персоналот.

Исто така, Министерството за здравство треба итно да набави соодветна количина сапун и дезинфекциски средства за училиштата, детските градинки и јавните тоалети.

Владата донесе одлука да ги задолжи сите основни и средни  училишта, како и сите универзитети да ги одложат сите предвидени патувања и екскурзии во  Италија, како и да  организира едукативни часови за превенција од корона вирусот, во соработка со локалната самоуправа и центрите за јавно здравје.

Меѓу заклучоците на Владата за превенција и за справување со опасностите, на граѓаните на земјата им се препорачува да не патуваат во Италија и во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на корона вирусот.

Меѓу заклучоците од 11-тата седница на Владата е и препораката до установите за згрижување на деца од предучилишна возраст да преземат мерки за соодветен третман за дезинфекција на обувките при влегување во градинките.

На оваа своја седница Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за спроведување на проект Мултиетнички Центар за третман на деца со аутизам АДХД и Аспергеров синдром во Тетово.

Проектот се реализира во рамки на билатералната соработка за постигнување на целите на среднорочната програма 2016 – 2020 со која се промовира развојна соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, која се остварува од страна на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје во насока на зајакнување на соработката и партнерството на граѓанското општество и државните институции од Република Северна Македонија и Република Бугарија и е придонес на Република Бугарија во европската перспектива на Република Северна Македонија.

Вкупната вредност на проектот е  122.710 евра, а Мултиетничкиот Центар за третман на деца со аутизам АДХД и Аспергеров синдром ќе биде сместен во рамки на одделот за физикална медицина и рехабилитација во ЈЗУ Клиничка болница Тетово. За проектот веќе се предвидени простории од 200 м2 кои ќе бидат доделени на користење на Здружението за грижа на лица со аутизам, АДХД и синдром на Аспергер „Во МОЈОТ СВЕТ“ кои се избрани и назначени за спроведувач на проектот од страна на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.

На денешната седница е разгледана и усвоена информација за подготовка на Шеснаесеттиот состанок на Поткомитетот за транспорт, животна средина, енергетика и регионален развој помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија, кој ќе се одржи на 17 март 2020 година во Брисел.

За претседавач на Поткомитетот од страна на Владата на Република Северна Македонија е определен заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, кој заедно со претставниците на Генералниот директорат за соседска политика и проширување ќе го опфати усогласувањето на политиките на Северна Македонија во поглавјата Транспортна политика, Енергетика, Трансевропски мрежи, Регионална политика и координација на структурни инструменти и Животна средина и климатски промени.