Иванов - Кралев: Поддршка на лекторатите по македонски јазик и можности за отворање нови

Статусот на лекторатите по македонски јазик во светот и проблемите, пред се финансиски, со кои тие се соочуваат, беше тема на средбата меѓу претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, министерот за образование и наука Панче Кралев и ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ Велимир Стојковски.

- Разговараа за актуелните состојби со лекторатите и потребата од изнаоѓање решенија кои ќе овозможат не само непречено работење, туку и унапредување на овие институции кои се од особено значење за развивањето и промоцијата на македонскиот јазик и култура, соопшти Кабинетот на претседателот Иванов, кој ја иницираше средбата.

Шефот на државата истакнал дека е потребно да продолжи и да се засили поддршката за постојните лекторати по македонски јазик и да се бараат можности за отворање нови.

- По изработката на предлог-решенијата за лекторатите, ќе биде одржан уште еден состанок по што предлогот ќе биде процесуиран  преку надлежните институции, се додава во соопштението од Кабинетот.

Лекторати по македонски јазик има во 11 универзитетски центри во светот: Албанија (Тирана), Полска (Краков и Сосновјец), Романија (Крајова), Русија (Москва), Турција (Истанбул), Унгарија (Будимпешта), Франција (Париз), Чешка (Брно и Прага) и Хрватска (Риека).