Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, заедно со заменик претседателката на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и градоначалникот на Oпштина Штип, Благој Бочварски, присуствуваше и се обрати на отворањето на обиколницата и на пуштањето во употреба на новиот мост на реката Брегалница во Штип.
Премиерот Спасовски истакна дека во Општина Штип после 65 години се пушта во употреба нов мост, кој е единствен од ваков тип во државата и градот добива модерна сообраќајна инфраструктура изготвена и реализирана според потребите на граѓаните.
„Овој мост е дел од проектот обиколница, и со неговото пуштање во употреба комплетно се заокружува првата и втората фаза од обиколницата која чини околу 60 милиони денари или еден милион евра. Станува збор за мостовска конструкција со должина од 60 метри, ширина од 10 метри, со предвидени две коловозни ленти и тротоар за пешаци. Дополнително како дел од обиколницата во близина на овој мост комплетно е изграден нов кружен тек со што се зголемува безбедноста на минувачите на влезот во градот“, нагласи премиерот Спасовски.
Тој информираше дека новиот мост ги спојува населбите Сењак и Пребег, со што се става во функција главната сообраќајна артерија во градот која ќе го растерети сообраќајниот неред во Штип.
„Она што е исто така многу значајно е што локалната самоуправа, градоначалникот и Советот на општината, овој проект го реализираа целосно со пари од Буџетот на градот, односно од парите на граѓаните на општината. Ова е домаќинско работење од интерес за општината и за нејзините граѓани и тие можат сега да се уверат во тоа“, подвлече претседателот на Владата Спасовски.
За оваа Влада, посочи премиерот Спасовски, секогаш е клучно да ги препознава и да ги издвојува како приоритет потребите на граѓаните и токму нив да ги вклучи во носењето на одлуките, бидејќи тие најдобро знаат што им е потребно.
„Владата на коалицијата предводена од СДСМ и градоначалниците на СДСМ во единиците на локалната самоуправа интензивно и фокусирано работат за обезбедување на подобар живот за сите граѓани. Доказ за успешноста на политиките за рамномерен развој е долгата листа на исполнети ветувања, во сите региони и општини. За разлика од игнорантскиот однос на власта во времето на режимот, преку конкретни проекти се грижиме за реалните потреби на граѓаните. За таа цел, денеска во Владата, сите градоначалници во државата без разлика на нивната политичка припадност потпишаа меморандум за соработка со кои ќе бидат распределени 70 милиони евра што Владата и Министерството за транспорт и врски ги обезбедија од Светска банка“, истакна премиерот Спасовски.
Тој посочи дека власта во времето на режимот се расфрлаше со народни пари за споменици, жални врби и за барокни фасади од стиропор кои за кратко време веќе се распаѓаат, додека во изминатите две години оваа Влада ги решава реалните проблеми на граѓаните ширум целата држава и спроведува проекти кои цели 11 години беа игнорирани.
„За целиот овој период се гради во сите општини низ државата. Обезбедуваме квалитетни јавни услуги за сите граѓани, современи училишта, детски градинки, регионални и локални патишта, здрава вода за пиење, канализации, собирање и депонирање на отпад, отстранување на дивите депонии, заштита на животната средина, поттикнување на претприемништвото и нови вработувања на целата територија на државата. Политиките за рамномерен развој на државата и општините се наш приоритет, а интересите и потребите на граѓаните се и ќе останат главна мотивација за нашите активности“, подвлече премиерот Спасовски.
Вицепремиерката задолжена за економски прашања, Царовска истакна дека со изградбата на овој мост се воспоставува можност за полесно и побрзо движење на граѓаните на Штип, но и можност за подобар транспорт на стоките за бизнис секторот во оваа општина и регионот.
„Она кое може да се истакне е дека ваквиот тип на поврзување, олеснување, создавање на инфраструктурни објекти и мостови директно влијае на подобрување на економската состојба на општините. Ние како Влада покажавме дека со план градиме, со план инвестираме во сите општини, се со цел да постигнеме добар локален економски развој кој понатаму директно придонесува кон економскиот раст и развој на нашата држава, а со тоа директно влијаеме младите да сакаат да останат во оваа држава и заеднички понатаму да ја градиме“, нагласи вицепремиерката Царовска.
Во своето обраќање министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески соопшти дека инвестициите во овој регион надминуваат над 300 милиони евра, што е околу една третина од вкупните инвестиции во инфраструктурата во земјата.
„Општина Штип е важна раскрсница на Истокот и затоа сме максимално фокусирани на подобрување на патната мрежа. Нашата крајна цел е да овозможиме модерни, брзи и безбедни патишта за да овозможиме брз транспорт на стоки и услуги и да создадеме услови за нови инвестиции кои ќе го подигнат економскиот раст во Штип и Штипскиот регион“, подвлече министерот Сугарески.
Тој нагласи дека со денеска потпишаниот Меморандум за соработка со Општина Штип, за градот се предвидени на располагање 1, 2 милиони евра за реконструкција на улици и патишта со што значително ќе се подобри урбаното живеење во оваа општина.
Министерот Сугарески информираше дека Владата во соработка со Општина Штип започнува со реализација на уште еден крупен капитален проект кој е од огромно значење за штипјани и регионот, а тоа е изградба на брана на Отиње.
Пред бројните присутни гости од локалната самоуправа, од државните институции и граѓани, се обрати и градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, кој нагласи дека овој мост претставува украс на градот и ќе го носи името мост „Иднина“.
„Нека мостот „Иднина“ сведочи за развојот на градот, нека биде конкретен израз на соработката помеѓу сите граѓани и субјекти, вклучени во локалното управување, но и на нашата одлучност да го отвориме регионот за нов развој и просперитет. Овој мост ќе биде значајна транзитна точка, но исто така и точка на среќавање на штипјани од двете страни на Брегалница“, истакна градоначалникот Бочварски.
Тој наведе дека преку вакви проекти Штип испишува историја и го трасира патот кон иднината како модерен и урбан град со перспектива и можности за своите граѓаните и пред се за младите луѓе.