„Децата не се виновни“ - проект за поквалитетна социјална грижа за децата
„Децата не се виновни“ е насловот на новиот проект во чии рамки ќе се имплементира програма која треба да придонесе социјалните услуги што ги добиваат децата од државните институции да бидат во насока на развој на креативниот позитивен потенцијал кај нив, како и подобрување на нивната социјална и емоционална интелегенција.
- Оваа програма е една во низата мерки што ние како Влада и како Mинистерство ги преземаме во насока на нивно безгрижно и среќно детство, затоа што за нас секое дете е важно. Со програмата освен развој на креативниот позитивен потенцијал кај овие деца ќе се подобри нивната социјална и емоционална интелегенција преку развивање на емоционална писменост и ќе биде во функција на нивен личен раст и развој, истакна на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Во рамки на проектот, министерот денеска ги промовираше прирачниците „Општи стандарди за работа на стручниот кадар во центрите за социјална работа во РМ при давање на социјални услуги во заштита на децата“ и „Прирачник за подобрување на когнитивен и социо-емоционален развој кај деца и малолетни лица“.
Прирачниците, рече министерот Ристовски, даваат можност за препознавање и детектирање на децата што имаат одреден вид проблем, нудат информации и вештини за справување и поддршка на овие деца, како и активности за развивање на свесноста за себе и за другите.
Прирачниците имаат пропишано ниво кое услугата мора да го достигне. Тие ги содржат стандардите за работа со воедначени пристапувања за стручните работници во Центрите за социјална работа и установите за социјална заштита во градењето на умешност во давањето на заштитат на децата.