Груевски апелира студентите да аплицираат за државна стипендија и најави нови 60 милиони евра за образованието
Премиерот Никола Груевски денеска апелира до сите студенти кои се чувствуваат дека имаат многу висок капацитет и може да бидат прифатени на познат светски универзитет да ја искористат можноста да добијат стипендија од државата преку објавениот конкурс во јануари годинава.
- На секој македонски студент кој ќе биде примен, прифатен или запишан на еден од 100-те највисоко рангирани универзитети во светот според Шангај листата или еден од 200-те во технички науки според оваа листа државата ќе му помогне со целосна стипенција, односно плаќање на неговата целосна стипендија за време на студирањето и на неговите трошоци за сместување, осигурување и одредени други детали што се јавуваат како трошоци, изјави премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба две лаборатории за ФИНКИ.
Тој додаде дека нема ограничување туку дека единствено што треба да направи некој студент е да успее да се запише на некој таков универзитет, бидејќи таму не може да се запише кој било. Треба да се покаже знаење на уписните испити, да биде прифатен, да познава добро соодветен јазик.
Според премиерот ова е одличен чекор за иднината на Македонија, бидејќи целта е тие да се вратат назад во земјава. По завршување на студиите одреден период треба да работат во земјава без разлика дали во државниот или во приватниот сектор, по што може да работат каде сакаат. Ќе бидат обврзани со договор, освен ако доколку неколкукратно не ги вратат парите на државата што ќе ги инвестира во нивното знаење и напредок.
Огласот е почнат на 15 јануари годинава и ќе трае до крајот на мај, а за деновиве премиерот најави поинтензивно информирање во медиумите.
Тој во образованието за годинава најави најмалку 60 милиони евра инвестиции за реконструкција и изградба на училишта. - Во тек е првиот од редица тендери што ќе се спроведат со цел да се изврши јавна набавка за извршување на овие работи. Првиот е во износ од четири милиони евра кој предвидува промена на кровови, прозорци, санитарни јазли..., изјави премиерот и додаде дека 40 милиони евра за оваа намена се обезбедени од Банката на Советот на Европа, 10 милиони од Буџетот и 10 милиони евра од други извори.
- Станува збор за еден посериозен зафат кој сигурно ќе се почувствува и во текот на следната година ќе може да се констатира дека сме завршиле една одлична работа, истакна премиерот Груевски.