Филипче: Прв смртен случај од коронавирусот, да се почитуваат мерките, бидејќи ништо не може да направат здравствените работници, доколку граѓаните не им помогнат

Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче на редовната прес-конференција соопшти дека во земјава го имаме првиот смртен случај од коронавирус, кој посмртно беше дијагностициран доцна синоќа.

„За жал го имаме и првиот смртен случај од коронавирусот, кој посмртно во Куманово беше дијагностициран доцна синоќа. Се работи за жена која имала 57 години. Во однос на приемот и третманот сакам да кажам дека колегите постапиле согласно протоколот за изолација, навремено се земени два теста и двата теста иницијални покажале негативен резултат. Но, и покрај негативните  резултати, заради тоа што болеста била типична за коронавирусот таа била третирана во изолација. Тој период на хоспитализација траел изминатата недела во Општата болница во Куманово, а брис е повторно земен по констатација на смртта во текот на вчерашниот ден, вечерта и тој бил позитивен. Брисот е земен заради наглото влошување на состојбата заради тоа што тоа е нетипично за друга болест и тоа ги натерало колегите повторно да се посомневаат и да земат уште еден, трет брис“, информираше министерот Филипче.

 

 

Тој посочи дека заедно со неа е хоспитализиран и нејзиниот син, два-три дена по неа во текот на минатата недела. Тој има 33 години, вчера настанало влошување на состојбата, прво бил префрлен на одделот за изолација на Клиниката за пулмологија и после тоа, согласно протоколот бил префрлен на Клиниката за инфективни болести, каде е сега хоспитализиран и е во стабилна здравствена состојба.

На прес-конференцијата, министерот Филипче информираше дека во изминатите 24 часа регистрирани се 29 нови случаи во нашата земја. Со оваа бројка. бројот на дијагностицирани пациенти денеска до 12:00 часот изнесува 114 лица, од кои најголем број – дваесет и двајца лица се од Скопје, три од Штип, двајца од Дебар и по еден од Куманово и од Охрид. Инаку, според местото на живеење, досега вкупно 65 случаи се регистрирани во Скопје, 36 во Дебар, седум во Штип, по два во Кавадарци и во Охрид и по еден случај во Гостивар и во Куманово.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во моментов се хоспитализирани 24 пациенти, од кои седум пациенти се континуирано на третман со кислородна маска, 11 се во стабилна добра здравствена состојба, а утре по истекување на 14 дена од поставување на дијагнозата, кај шест пациенти ќе биде земен контролен брис. Од нив пет се во добра состојба, а кај пациентката кај која имаше влошување на состојбата и е поставена на респираторна машина, таа е во непроменета состојба во однос на неколкуте претходни денови. Пациентите кои се на домашно лекување се во континуирана комуникација со лекарите од Инфективната клиника, а од утре целосно во функција системот на комуникација со медицинската сестра одговорна токму за оваа работа и по потреба консултација со лекар специјалист во било кое време за проценка на нивната состојба.

Министерот информираше и за другите активности, како што е зголемување на капацитетите, во однос на телефонските линии, пристапот на пациентите и тестирањето, согласно епидемиолошките анкети- од утре почнуваат да функционираат вкупно 14 пунктови ширум целата држава. Во Скопје, пунктовите ќе бидат сместени во поликлиниките во Чаир и во Јане Сандански, при што ќе се тестираат пациенти, односно граѓани 50 по епидемиолошки индикации и 120 со закажување по претходна најава кај матичниот лекар, кој треба да пополни алгоритам кој ќе укаже на тоа дали пациентот, односно граѓанинот треба да биде тестиран или не. Значи, по вчерашниот координативен состанок со Здружението на матичните лекари тие се целосно вклучени во поддршка на овој систем на идентификација, рано откривање, зголемување на пристапот на пациентите, односно граѓаните прво до дијагностика, а потоа и до спроведување и извршување на тестовите.

Во текот на утрешниот ден ќе бидат објавени и информациите за сите центри, ширум државата, а кол-центарот е веќе во функција од викендот, тој за време на работните денови ќе работи со зголемен капацитет на луѓе со цел да се избегне чекањето.

„Доцна синоќа заседаваше Владата и се донесе одлука за воведување полициски час од 21:00 до 6:00 часот. Можам да кажам дека во текот на вчерашниот, како и во тек на денешниот ден ние работевме на воведување дополнителни мерки со кои дополнително би се заштитиле најкритичните, најризични групи граѓани и тоа преку Комисијата за заразни болести, утре ќе биде дискутирано и доставено до Централниот штаб, а потоа по потреба и до Владата, со цел да се воведат и дополнителни мерки, кои ќе ги заштитат овие граѓани. Станува збор за граѓаните над 65 години за кои сметаме дека и дополнително освен полицискиот час треба да им биде ограничено движењето преку ден, нормално со дозвола да се движат во раните утрински часови за што детали ќе соопштиме во текот на утрешниот ден за да се задоволат потребите, како што е посета на аптеките и продавниците, но не и преку останатиот дел од денот. Дозволете за сите детали во однос на овие мерки, но и во однос на оние кои не се најзагрозени, меѓутоа се посочени како граѓани лица кои го шират вирусот, а тоа се лицата до 18 години после дискусијата ги соопштиме мерките и согласно одлуката на Комисијата за заразни болести“, посочи Филипче.

Тој упати апел до сите граѓани да ги почитуваат мерките, бидејќи ништо не може да направат здравствените работници, доколку граѓаните не им помогнат.

„Никогаш досега како сега не ни била потребна помошта од сите граѓани, од сите жители на нашата држава на нас, 23.000 здравствени работници за да помогнеме на сите два милиона граѓани на нашата земја. Ние тоа сами нема да можеме да го направиме. Сите овие мерки ги носиме и апелираме да се почитуваат, тоа е целта. Имаме зголемување на бројот на случаи и тоа е очекувано, ќе се зголемува и понатаму. Мораме да ги почитуваме сите овие мерки за да ја спласнеме кризата на раст на заболени од коронавирусот. Тоа се случува насекаде во светот. Само таму каде се почитуваат мерките имаме соодветен резултат. Јас сум сигурен и верувам дека и овие мерки кои вчера ги донесовме вчера во тек на седницата на Владата, тие што ќе ги дискутираме утре ќе дадат резултат. Но, апелирам луѓе почитувајте ги мерките кои што ги носиме, тие се добро промислени, тие се согласно развојот на оваа болест во нашата земја, сите се издржани, имаат медицинска оправданост зашто се воведуваат, нема цел ако не се почитуваат“, потенцираше на крајот министерот Филипче.