Шекеринска: ВМРО-ДПМНЕ продолжува наместо со помош во кризата, да работи со лаги!

„Најдиректно ги демантирам лагите на ВМРО ДПМНЕ. Сакам да ги повикам да престанат со лаги заради тоа што лагите нема ниту да го скријат нивниот срам за нечесниот однос кон кризата, ниту ќе го скријат нивниот срам дека 11 години нè држеа замрзнати во место, а ние покажавме дека за две ипол години можеме да добиеме и членство во НАТО и почеток на преговори со Европската Унија. Лага е дека било кој, а особено јас во изминатава недела замислете сум била на службени патувања и сум ги трошела државните пари на патувања и репрезентација. Замислете тоа е истата оваа недела кога скопскиот аеродром воглавно беше затворен. Тоа е истата таа недела кога секој добронамерен, па дури и злонамерен граѓанин ако седне на Facebook, ако кликне ќе види дека јас како и моите други колеги сум секој ден присутна на главен штаб и секој ден присутна на владина седница“ – рече заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска во денешната реакција на прес конференцијата на Игор Јанушев од ВМРО ДПМНЕ.

Изјавата на министерката ви ја пренесуваме во целост:

„Дозволете ми да почнам со честитка, честитка на сите наши граѓани, за убавата вест и големиот успех кој го добиваме сега откако заврши процесот на наша ратификација на нашето членство во НАТО.

Денешната одлука на земјите – членки на Европската Унија да започнат преговори со нас е потврда дека оваа недела навистина ќе имаме две историски одлуки за сите нас и за нашата татковина , членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ.

Дозволете ми да го изразам и моето лично задоволство што сум учесник во овие два успешни процеси и што сум учесник на двете клучни епизоди во нашиот европски пат, како 2005-та, стекнувањето на кандидатскиот статус, така и денеска – почетокот на преговори со ЕУ. 
Ми претставуваше и чест и привилегија и им честитам на сите оние кои што помогнаа барем мал дел од работата во овој процес да се заврши.

Ова е недела на два големи успеси, но за жал ова е и недела на голема криза во државата и во целиот свет. Криза со која се соочува целото човештво , но и криза со која се соочуваат и сите наши граѓани.

Сè се менува со светлосна брзина –  се менуваат проблемите, се менуваат предизвиците, еве сега и фала богу и успесите, меѓутоа и во успех и во криза една работа останува иста – а, тоа е дека ВМРО ДПМНЕ продолжува наместо со помош, наместо со пофалба да работи само со лаги.

Ниту помагаат со кризата, ниту честитаат или да се порадуваат на успехот. Во вакви моменти кога водиме лавовска, ама буквално лавовска битка со корона вирусот, во исто време кога ги бележиме најголемите успеси по стратешките прашања на нашата држава, опозицијата се труди да го губи нашето време со лаги. И, затоа се надевам за последен пат одвојувам неколку минути за оваа изјава, бидејќи навистина е доста.

Сакам да ги повикам да престанат со лаги заради тоа што лагите нема ниту да го скријат нивниот срам за нечесниот однос кон кризата, ниту ќе го скријат нивниот срам дека 11 години нè држеа замрзнати во место, а ние покажавме дека за две ипол години можеме да добиеме и членство во НАТО и почеток на преговори со Европската Унија.

Она што навистина ми пречи е што во вакви важни и тешки моменти, навистина  ја дефокусираат нашата работа и сметаат бидејќи немаме време, дека ќе оставиме лагите да останат само на површината. Сакам најотворено, најдиректно да ја демантирам лагата која што е јасно дека е лага дури и на секој граѓанин кој што ќе врзе два со два.

Лага е дека било кој, а особено јас во изминатава недела замислете сум била на службени патувања и сум ги трошела државните пари на патувања и репрезентација. Замислете тоа е истата оваа недела кога скопскиот аеродром воглавно беше затворен. Тоа е истата таа недела кога секој добронамерен, па дури и злонамерен граѓанин ако седне на Facebook, ако кликне ќе види дека јас како и моите други колеги сум секој ден присутна на главен штаб и секој ден присутна на владина седница.

Патем речено токму овој период, изминатиот четврток во Министерството за одбрана донесов одлука со решение да се укинат сите дури и во куќата репрезентации, за целото Министерство, вклучително и за мене. И, сега во ситуација кога тоа го правите заради тоа што имате работа со сериозен непријател, смртоносен вирус под кој потклекнаа многу побогати и многу поподготвени држави, во таква ситуација, да добиете вакви квалификации од партијата која стана позната по ручање на бизони и по репрезентација која секој квартал е три пати поголема од било која претходна или идна влада, навистина е срамота.

Сакам да потврдам дека можеби ВМРО ДПМНЕ и не може да разбере дека некој ја врши својата работа и не мисли на привилегиите. Луѓето кои што ги гледавме на кој начин ги трошеле парите на граѓаните, очигледно не можат да разберат поинакво однесување. Меѓутоа сакаме да ја испратиме пораката дека ова не е  време за лажни вести. И, дека граѓаните должни сме им да го потрошиме своето време на вистинските проблеми, на вистинските теми и на вистинските предизвици.

Лагите на ВМРО ДПМНЕ кои барем беа потврдени од страна на судска одлука, дефинитивно не треба да ни го трошат нашето време и затоа, почитувани граѓани, јас се извинувам што денеска морав да реагирам затоа што 100 пати повторената лага во навиките на ВМРО ДПМНЕ за жал стануваше вистина. Сакам да ви порачам дека целосниот фокус, мој и на Владата е кон тоа како да се справиме со оваа криза, како успехот кој што го постигнавме на планот на НАТО и на Европската Унија да го продолжиме и како да обезбедиме нашата татковина да не плати цена ниту во поглед на нашето здравје и живот, ниту во поглед на можните негативни последици со економијата. Ние ќе продолжиме да работиме, а тие ако немаат попаметна работа нека продолжат да лажат“.