Република Северна Македонија ги започнува преговорите за членство во ЕУ: По 15 години чекање во овие тешки моменти од Брисел стигна верификацијата за успехот на нашите напори

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, заменикот на претседателот задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска одржаа прес-конференција по повод добивањето на одлука за почеток на преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија.

„Во исклучително тежок момент за нашата држава, за Европа и за целиот свет, денес од Брисел ни пристигна убава и долгоочекувана вест: Република Северна Македонија ги започнува преговорите за членство во ЕУ. Советот за општи работи на ЕУ се согласи дека нашата држава треба во најбрз можен рок да ги започне преговорите за членство со ЕУ. Стигна верификацијата за успехот на нашите напори. За истрајноста, капацитетите и политичката волја на нашите институции - Владата, Собранието, Судството – да ги спроведат реформите што ги поставивме како наша цел уште во 2017 година“, истакна премиерот Спасовски.

Исто така премиерот Спасовски посочи дека Владата по барање на Европскиот совет во јуни 2018 ги покрена сите механизми да го затвори реформскиот процес во четири главни области: Судство и владеење на правото, реформа на разузнавачките служби, реформи во јавната администрација и борба против криминалот и корупцијата.

„Постигнавме завидни резултати во сите овие области. Тоа беше секоја година верификувано во извештаите на Европската Комисија и со резолуциите на Европскиот Парламент. Од денес тоа го верификуваа едногласно и државите членки на ЕУ“, подвлече претседателот на Владата, Спасовски.

Притоа, премиерот Спасовски нагласи дека денешното признание за подвигот на нашата држава е резултат и на тешките политички одлуки кои ги донесе Владата и владејачкото мнозинство во Собранието за решавање на долгогодишните спорови со нашите соседи Грција и Бугарија.

„Без Договорот од Преспа и без Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија немаше да биде возможен овој денешен успех. Овој успех е крај на нашето чекање од 15 години откако го добивме кандидатскиот статус за членство во ЕУ. Денеска можеме да бидеме горди зашто чекањето заврши. Успешните реформи ја кренаа бариерата. Патот ни е отворен и единствената насока на тој пат е - само напред. Стигнавме до точката од која кристално јасно се гледа нашата перспектива во Европската Унија. Тоа е точка од која враќање назад нема. Му се допаѓало тоа некому или не – тоа е нашата победа“, истакна премиерот Спасовски.

Воедно претседателот на Владата Спасовски наведе дека стануваме држава која преговара за членство во ЕУ и која во наредниот период ќе мора да минува низ трансформација на државата и општеството низ која поминаа сите денешни членки на Европската Унија.

„Ова е повеќе од заслужен успех. Ова е признание кое требаше да го добиеме и порано. Со оваа одлука се исправа стратегиската грешка на Европскиот Совет од октомври 2019 година кога не се постигна консензус за одлуката која е усогласена денес. Да се радуваме на овој успех сите. Да се радуваат сите политички партии, сите етнички заедници и сите општествени субјекти. Да се радуваме денес и во истиот момент да се вратиме во реалноста и да продолжиме со уште една битка. Нашата битка со короната“, подвлече премиерот Спасовски.
 

Осврнувајќи се на проблемот со пандемијата на коронавирусот претседателот на Владата Спасовски истакна дека заедно ќе победиме и во оваа борба.

„Сега, како никогаш до сега ни треба сплотеност и дисциплина. Да го победиме невидливиот, а толку присутен непријател, за да се вратиме побргу на нашата политичка битка. На еден долг и тежок преговарачки процес за кој ќе ни требаат бројни промени и прилагодувања на европските стандарди, но и на европскиот квалитет на живот. Се посветивме на процесот на започнување на преговорите, иако нашите институции се во одмината фаза на подготовки за почетокот на преговорите“, нагласи премиерот Спасовски.

Во овој период на незапаметена криза на современиот свет премиерот Спасовски повика на смиреност и мудрост со цел да се избере најдоброто во оваа ситуација. 

„Заедно, солидарни и поврзани можеме да дојдеме до побрзо и поефикасно решение на нашите заеднички проблеми. Така беше и за време на бегалската криза во 2015 и 2016 година, така е и денес кога се соочуваме со ужасната пандемија на вирусот КОВИД-19“, истакна премиерот Спасовски.

Во обраќањето претседателот на Владата Спасовски упати благодарност до институциите на Европската Унија и на нејзините држави членки за исправната одлука, посакувајќи да ги завршиме преговорите колку е можно побрзо.

„Успехот со членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ затвораат една битна фаза од нашиот развој. Овие успеси ни отвораат нови можности и перспективи. Благодариме што ги отворивте вратите за преговорите и што ни давате фер шанса да преговараме за членство во ЕУ. Нашите граѓани и нашите институции таа шанса цврсто ќе ја зграпчат и максимално ќе ја искористат“, подвлече премиерот Спасовски.

На прес-конференцијата заменикот на претседателот задолжен за европски прашања Бујар Османи оцени дека оваа одлука не е подарок, ниту пак е чиста политичка одлука, туку признание за суштинскиот напредок на земјата, на посветеноста на Владата и останатите институции кон реформите, признание за успехот во создавањето на добрососедски односи, признание за внатрешната општествена кохезија и стабилните меѓуетнички односи. 

„Токму затоа одлуката на 27-те земји членки е донесена без никакви дополнителни услови за земјата. Со тоа, Европската Комисија доби целосно одврзани раце да почне да ја формира т. нар. преговарачка рамка за земјава по која ќе се организира и првата меѓувладина седница, што ќе претставува и официјален старт на преговорите“, истакна вицепремиерот Османи.

Во обраќањето вицепремиерот Османи истакна дека во овие моменти кога се соочуваме епидемијата на коронавирусот и се чувствуваме загрозени и загрижени за иднината, овој свеж зрак на оптимизам ќе ни помогне полесно да ја надминеме и оваа криза.

„Верувајте, битката против коронавирусот ќе ја добиеме, а иднината секако ќе дојде. Добро е да знаеме дека таму, во блиска иднина, нè чекаат предизвици на преговорите за членство во Европската Унија. Тоа е процес кој значи напредок за државата, реформи кои значат создавање на европски институции, напредок во образованието и науката, квалитетно здравството и здравствена заштита. Тоа е процес кој значи стабилност и предвидливост на економските текови, повеќе странски инвестиции, поголем потстрек и за домашните инвеститори, повеќе работа за претприемачите, повеќе работни места, поголеми примања - сè на сè - подобар животен стандард за граѓаните“, истакна вицепремиерот Османи.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров истакна дека Советот за општи работи на ниво на министрите за европски прашања на ЕУ и покрај вонредните околности предизвикани од ситуацијата со коронавирусот донесе одлука за почеток на преговорите со Република Северна Македонија и оддаде признание за досега сработеното.

„Нашите ЕУ пријатели денес и покрај грижите од пандемијата, најдоа време и волја за долгоочекуваната одлука за почеток на пристапни преговори. Одлуката на ЕУ во вакво време „невреме“ е симбол на нејзината вистинска сила. Да си дадеме сите момент радост и гордост за признанието кон истрајната работа и непоколебливата надеж. За остварениот аманет од предците, за отворената врата на македонските поколенија! За дадената шанса да продолжиме да покажуваме дека умееме и припаѓаме во европското семејство“, нагласи министерот Димитров.

Во обраќањето министерот Димитров истакна дека Република Северна Македонија по 15 години во чекалната како кандидат и по разочарувањата во јуни 2018, јуни 2019 и октомври 2019 година, конечно го поминува прагот и заслужено ќе ја започне следната фаза од својот европски пат.

„Отсега натаму и ние ќе имаме почетна точка од која ќе го мериме времето - откога започнуваме позитивен натпревар со останатите во спроведувањето на реформите и во усвојувањето на европските стандарди. И досега, но од сега па натаму уште повеќе, од нас самите зависи“, подвлече министерот Димитров.

На прес-конференцијата владините претставници повторно ги повикаа граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.