Филипче: Одобрен е пристап до Европскиот солидарен фонд - рамноправно со сите европски земји ќе учествуваме во заедничките постапки за набавка на материјали и апарати - Од денеска во функција нова веб страницa

На денешната редовна прес-конференција, министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека отворена е нова веб-страница со цел полесен пристап за граѓаните до сите информации во врска со коронавирусот во земјава.

„Од денеска е во функција веб-страницата „koronavirus.gov.mk“ каде на едно место се собрани сите информации во врска со коронавирусот, совети во однос на заштитата, правилната самоизолација, насоки како да се препознаат симптомите, дневните вести коишто ќе се ажурираат секојдневно и кои ги споделуваме во врска со темата и прес-конференциите и во меѓувреме преку соопштенијата. Можат да се најдат сите информации во врска со другите институции, Министерствата за внатрешни работи, за труд и социјална политика - сѐ што е поврзано и што треба граѓаните да го знаат. Овие содржини ќе се следат и на социјалните мрежи и на мобилната апликација којашто ќе може да се преземе“, потенцираше министерот Филипче.

Во изминатите 24 часа направени се 342 тестирања - регистрирани се 30 нови случаи на пациенти со коронавирус во земјава. Во Скопје - 12, Куманово - 8, Прилеп - 9 и 1 случај во Крива Паланка. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти изнесува 384 лица. Според местото на живеење досега случаи се регистрирани во Скопје, Куманово, Дебар, Штип, Прилеп, Тетово, Струга, Велес, Битола, Охрид, Кавадарци, Гостивар, Гевгелија, Струмица, Крива Паланка и Кочани. Досега направени се 4.117 тестови.

„На Клиниката за инфективни болести хоспитализирани се вкупно 64 пациенти, во изминативе 24 часа примени се 6 нови пациенти, а 8 се со потешка клиничка слика. Неколку пациенти се во сосема добра состојба, тие ќе се тестираат во следните неколку денови со цел да се анализираат тестовите и доколку се негативни во два наврати ќе бидат испишани. Истото веќе започна за 11 пациенти од вкупно 28 кои што се наоѓаат на домашно лекување во Дебар“, рече министерот Филипче.

Во Психијатриската болница во Демир Хисар има позитивен случај-лекар, регистриран преку Центарот за Јавно Здравје во Прилеп. Тој е асимптоматски, меѓутоа имал позитивна семејна епидемиолошка анамнеза. Направен е тестот и е позитивен, а со оглед на тоа што бил во контакт со колегите во болницата во Демир Хисар, направени се епидемиолошки анкети, преземени се мерки и препорака за самоизолација на психијатрите во болницата.

„Во рамки на Министерството заедно со психијатри од клиниката во Скопје ја организиравме работата во болницата во Демир Хисар заедно со колегите психијатри од други институции од Битола и од Прилеп до завршување на самоизолацијата. Тие ќе бидат прераспределени во оваа болница, а по потреба ќе бидат вклучени и психијатрите од Охрид, Кичево, Гостивар и Тетово. Сите пациенти на коишто ќе им биде индициран хоспитален третман, ќе бидат упатени во другите центри во Битола, Охрид или во Прилеп и доколку има индикација за итност, Клиниката во Скопје во било кое време ќе ги прима тие пациенти. Ќе се затвори Центарот за Ментално Здравје во Прилеп којшто практично го управува Психијатриската болница во Демир Хисар. На сајтот на Клиниката за психијатрија се објавени и телефонските броеви на колеги психијатри коишто излегуваат во пресрет во смисла на давање на услуга преку теле-медицина, теле-психијатрија во било кој момент може да пациентите соодветно се консултираат доколку имаат потреба“, истакна министерот Филипче.

Министерот за здравство Венко Филипче, вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и градоначалникот на Градот Скопје Петре Шилегов, денеска беа на увид во монтажната болница која се наоѓа до Инфективната Клиника во Скопје.

„Болницата во следниот период целосно ќе биде ставена во функција, сега се инсталирани сите мобилни модули - се поставуваат креветите, ќе се постави и сувата врска со Клиниката. Капацитетот на Инфективната клиника е исполнет 50 проценти, меѓутоа сметаме дека е сега добар период да се зголемат капацитетите во смисла на болнички кревети, имајќи предвид дека тука е центарот на експертизата на сите специјалисти по инфективна медицина, медицинските сестри, секако поддржани од сите други од Клиниките во Скопје коишто сега работат со редуциран капацитет - се' со цел да бидат во приправност доколку треба да излезат во помош, поддршка на колегите во Инфективната клиника во Скопје. Дел од едукациите веќе се спроведуваат, од повеќе Клиники веќе се спроведе едукација преку Светската здравствена организација, во однос на третманот, пристапот на пациенти заболени од Ковид-19 вирусот“, посочи министерот Филипче.

Во однос на донациите, министерот Филипче информираше дека одобрен е пристап до Европскиот солидарен фонд, што значи дека рамноправно со сите европски земји ќе учествуваме во заедничките постапки за набавка на материјали и апарати. Се што е во врска со потребите на здравствените институции за коронавирусот, се изедначуваме со земјите-членки на Европската Унија, што е една огромна придобивка после одлуката за почеток на преговорите за влез во Европска Унија. Европската Унија ги отвара вратите и сме рамноправни заедно со земјите-членки во целиот овој процес.

„Холандија донираше еден цел кабинет за дијагноза на коронавирусот - станува збор за една машина, кабинети за изолација, целата опрема којашто треба да се инсталира и тестови за 2.000 пациенти. Тоа е практично лабораторија којашто двојно ќе го зголеми капацитетот на сегашната лабораторија во Институтот за Јавно Здравје. Холандија тоа го донира преку Меѓународната агенција за атомска енергија со седиште во Виена и Светската здравствена организација за што сакам да изразам огромна благодарност како и на германската Амбасада за донацијата којашто ја направија. Земавме обврска и еве се спремаат листите за објавување на донаторите на сметката меѓутоа и во опремата во Министерството за здравство“, рече министерот Филипче.

„Во однос на информациите за пациенти со тестовите од болницата „Систина“, сакам да кажам дека постои стручно мислење од Комисијата за заразни болести којашто ги прати препораките од Светската Здравствена Организација, а тоа е дека за позитивен пациент којшто се регистрира како заболен е пациент којшто ќе направи тест и истиот ќе биде позитивен на присуство на вирусот. Тестовите на антитела само поставуваат сомнеж дека некој е носител на вирус и затоа кај сите коишто ги прават тие тестови мора задолжително да се направи тестот за присуство на вирусот за да тоа значи да се потврди или не болеста односно носителството на вирусот и врз основа на тоа да се влезе во регистарот на заболени во нашата земја,  и не само во нашата земја тоа е критериум по којшто се регистрираат пациентите во светот согласно препораките на Светската Здравствена Организација“, информираше министерот Филипче.

Во однос на тестирањето, денеска е направена анализа - имаме најголем број на тестови на 1 милион жители во однос на сите земји во регионот, само Словенија има повеќе од нас - 4.117 од почетокот до сега. Значи над 2.000 на 1 милион жители што се смета за огромна бројка од вкупниот број земји во светот ние сме помеѓу првите 30-40 што е одличен резултат и не станува само збор за бројка на тестови, туку и целокупен пристап кон идентификување на пациентите, нивните контакти, кластерите на заболени.

„Се тестираат позитивни со симптоми пациенти, се идентификуваат нивните примарни контакти и на нив им се препорачува самоизолација. Тестирајќи на овој начин имаме целосна контрола и увид на третманот односно состојбата на пациентите, заради тоа што не е само тестот како бројка туку и клиничката состојба на пациентот, вклучувањето на матичниот лекар во контролата, во пратењето на пациентите, понатаму контролата после завршувањето на лекувањето и спроведувањето на контролните тестови после соодветен период на лекување за да се докаже негативниот тест на вирусот што значи дека пациентот е практично излечен. Во овој момент епидемиолозите имаат апсолутно консензус дека овој модел на пристап не треба да се менува. Сметаме дека е сосем соодветен, сметаме дека со оглед на тоа што дава добри резултати во смисла на линеарен и на експоненционален раст на новиот број на пациенти, но секогаш има можност тука нешто да излезе од планови заради тоа што се тоа анализи, тоа се статистички податоци и да повторам дека согласно ова, согласно мерките коишто се имплементирани дека пикот го очекуваме на крајот на месец април“, потенцираше  министерот Филипче.