Се воведуваат здравствени задолжници за плаќање меѓу јавните здравствени установи финансирани од ФЗО
Министерството за здравство од 1 јуни воведува здравствена задолжница, како инструмент за обезбедување и наплата на побарувањата меѓу Јавните здравствени установи, кои се финансирани преку Фондот за здравствено осигурување.
Овој инструмент, појасни министерот за здравство Никола Тодоров на денешната прес - конференција, се воведуваат со цел да се обезбеди поголемо ниво на ликвидност во меѓусебните плаќања внатре во здравствениот систем. Со задолжницата ќе може да се покрива само основниот долг, но не и каматата, а за оние што ќе издадат задолжница спротивно на законските прописи ќе бидат кривично гонети.
- Здравствената задолжница може да биде издавана до максимални 30 отсто од реализираниот буџет од претходната година. Ако задолжницата е долгорочна, тогаш може да биде до 10 проценти од реализираниот буџет од претходната година, подвлече Тодоров, додавајќи дека задолжниците ќе ги издава Фондот за здравствено осигурување, со тоа што јавните установи нема да смета да ја издадат задолжницата без таа да биде потврдена од Фондот. Овој инструмент за идни плаќања е непренослив и нема да важи ретроактивно за минати долгови. Очекувањата се, потенцира ресорниот министер, да се подобри ликвидноста и да се намалат меѓусебните долгови внатре во системот, кои се едни од најголемите, како што рече, веројатно затоа што прво долговите се плаќаат кон надворешните, а потоа кон оние внатре кои даваат здравствени услуги.
Доколку доспеаното побарување не е наплатено во предвидениот рок, образложи министерот, во тој случај сопственикот на задолжницата ќе може да бара од Фондот средствата кои се гарантираат со задолжницата да бидат исплатени.
- Мислам дека има неизбалансираност на сумите односно предвидени се прилично високи цени за услуги кои мора да се дадат. Паралелно со здравствените задолжници треба да се направи и процес за балансирање на износите кои ќе се плаќаат интерно меѓу Јавните здравствени установи, смета министерот Тодоров.