Мали пристаништа ќе се поставуваат на Охридско, Преспанско, Дојранско и Мавровско Езеро
Десет мали пристаништа ќе бидат поставени на Охридското, Преспанското, Дојранското и Мавровското Езеро. Целта на поставувањето на овие пристаништа е дополнителна промоција на туристичките атрактивни места во земјава и подобрување на условите во внатрешната пловидба.
Ова го соопшти денеска на прес-конференција портпаролот на Министерството за транспорт и врски Драган Симоновски, по усвојувањето на акцискиот план од страна на Влдата.
На Охридското Езеро ќе бидат поставени на плажите „Љубаништа“, „Магнус“, „Куба Либре“ и „Немо“. Како што појасни Симоновски бидејќи станува збор за плажи кои е предвидено да бидат предмет на краткотраен закуп поставувањето на овие пристаништа ќе претставува една од обврските за идните закупци. Огласите ќе бидат распишани од страна на Министерството во текот на овој месец.
На Охридското Езеро предвидено е монтирање на уште едно мало пристаниште лоцирано на Градската плажа во Струга. - Бидејќи општина Струга ги има преземено надлежностите во делот на управување со градежното земјиште ова ќе му биде препорачано на градоначалникот на Општината, рече Симоновски.
На Преспанското Езеро и на Дојранското Езеро предвидено е поставување по две мали пристаништа. За нив оглас треба да објават Министерството за транспорт и врски и АД „ЕЛЕМ“, а на Мавровското Езеро едно за што ќе биде задолжено ЈП Национален парк „Маврово“.
Станува збор за стандардни мали пристаништа, популарно познати како „понтони“ кои се често употребувани во земјите каде има развиена внатрешна пловидба на езерата и реките. Овој вид мали пристаништа поседуваат голема стабилност и издржуваат удари на бранови до 1 метар, како и висинско поместување на водата со оглед на начинот на сидрење до 9 метри длабочина. Нивната должина во просек изнесува од 10 до 12,5 метри, а широчината 2,4 – 4 метри, со височина над водата од половина метри. Можат да бидат соодветно осветлени и опремени со мост за приод, гумени одбојници и скала за качување од вода, како и можност за поставување на пумпа за точење на гориво.