Потпишан Меморандум за соработка меѓу МТСП и Филозофски факултет
Студентите од институтите на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ кои образуваат кадри од сферата на социјалната заштита практично ќе се обучуваат во државните институции кои даваат ваков вид услуги. Инстутутите, пак, ќе доделат осум школарини за деца од семејства корисници на социјална помош.
Ова, меѓу другото, го предвидува Меморандумот за соработка што денеска го потпишаа министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Велимир Стојковски и деканот на Филозофскиот факултет Горан Ајдински.
- И досега имаше практична обука, но со овој Меморандум таа се издигнува на повисоко ниво. Сега точно ќе се знае каква практична работа ќе треба да изведува секој од четирите стручни профили - дефектолог, психолог, педагог и социјален работник. Исто така предвидено е инситутите да дадат осум школарини, по два за секој од институтите, за сиромашните. Меморандумот предвидува и школарини втор циклус студии за вработените од Министерството за труд и социјална политика, рече Ајдински додавајќи дека договореното ќе почне да се применува од наредната година.
Министерот Ристовски потенцира дека овој Меморандум е прв со коj се регулира соработка со една високообразовна институција.
- Тој треба да придонесе за зголемување на квалитетот на услугите што ние како Министерство ги нудиме на граѓаните со обезбедување на квалитетен кадар, кој уште во рамки на своите студиски години ќе се здобие со практично знаење кое не може да го добие само со теторетско учење. Тоа, пак, подоцна може да придонесе до подобрување на целокупната активност на стручните служби на Министерството и центрите за социјални работи, рече министерот за труд и социјална политика.
Ректорот Стојковски смета дека потпишаниот Меморандум е од големо значење, бидејќи, како што рече, со него се воведува нов квалитет во соработката помеѓу двете институции.Ова, рече тој, е начин со кој ќе се зајакнат капацитетите на институциите, а со тоа и ќе придонесе државата да се движи напред.