Стабилна законска регулатива и транспарентни јавни набавки, бара Американската стопанска комора

Спроведување на четвртата фаза  од регулаторната гилотина и  предвидлива законска регулатива,  помош за проширување на пазарите во соседството,  поголема транспарентност при постапките за јавни набавки, се главните барања  до Владата на фирмите членки на Американската стопанска комора во Македонија.

- Фирмите сакаат да видат поголема транспарентност во јавните набавки. Убеден сум дека се направени многу напори во тој правец, но сега треба тоа што е влезенео во регулативата да видиме како се имплементира  и тука треба да се направи чекор повеќе, изјави Стеван Плавјански,  претседател на Управниот одбор на Американската стопанска комора пред деловниот ручек на членките на комората со вицепремиерот Владимир Пешевски и министрите за економија и за информатичко општество и администрација, Ваљон Сарачини и Иво Ивановски.

Според вицепремиерот  Пешевски, Владата останува посветена на дијалог со бизнис заедницата, како и на спроведување стабилни економски политики.  

- Претстои навистина интересна да не речам тешка година. Се чувствуваат екстерни притисоци  врз економијата, што го гледаме врз  ефектите од Буџетот и некои макроекономски индикатори, истакна Пешевски и додаде дека од друга страна останува определбата за стабилен курс на денарот, низок  буџетски дефицит, континуирано намалување на давачките кон бизнисот. 

Во однос на приоритетот од бизнисот за стабилна  или предвидлива бизнис регулатива, вицепремиерот Пешевски наведе дека во тој правец е следењето на регулативата  во Европската унија кон која се тежнее. 

- За мој личен вкус мислам дека се прават  преголем број измени на законите, но тоа  се прави доколку се констатира можност за определено подобрување, што ќе се прави и понатаму. Нека биде и непредвидлива, но нека биде во корист на бизнисите и во делот кон  прилагодување на правната рамка на ЕУ, рече пред стопанствениците Пешевски.

Тој најави продолжување и на активностите за привлекување странски инвестиции.  - На тој план се прават максимални напори и не можам да најдам забалешки во стратегијата  што се применува. Направивме определени измени и корекции, но општиот правец е тој, треба да се има активен пристап кон привлекување странски инвестциии и кон подобрување на бизнис климата генерално, укажа Пешевски.

Министерот за економија Ваљон Сарачини  одговори на дел од 15 прашања што ги упати Американската стопанска комора до Владата. Во  делот на минералните суровини, посочи, се работи на упростување на процедурите за добивање концесии,  а во туризмот Владата веќе  усвои стратегија за развој на оваа гранка, со конкретни мерки и активности. Сарачини информира и дека  за технолошко индустриската  развојна зона во Тетово  која треба да се даде под концесија  спроред моделот на јавно-приватно партнерство има   понуди од две турски и една норвешка компанија. Надлежната Комисија веќе прави евалуација и наскоро ќе се одлучи која компанија ќе менаџира со зоната. Според  физбилите студијата станува збор за инвестиција од 25 милиони  до 300 милиони евра, а се планира отворање меѓу 5.000 и 7.000 работни места, рече Сарачини.  

Министерот Ивановски, пак, најави дека во рамки на четвртата фаза од регулаторната гилотина „Предност на малите“ до крајот на април  до Владата ќе бидат доставени  конкретни мерки.

- Микро и малите претпријатија претставуваат 90 проценти од  фирмите во Македонија и дополнително тоа ќе биде предизвик за нас, имајќи предвид дека  со изминатите три фази од проектот   Македонија доби големи награди од Светска банка во извештајот за водење бизнис,  наведе Ивановски.

Тимови на Министерството за информатичко општество и администрација веќе посетиле фирми во десет од предвидените  20 општини и има конкретни предлози  од нивна страна што ќе бидат доставени до институциите.

Американската стопанска комора, која  постои веќе 11 години, обединува 110 компании со над 30.000 вработени. Лани оствариле над две милијарди евра профит.