Прес-конференција на вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски
Денес официјално добивме неколку предлог мерки од СДСМ, и иако голем дел од нив се напишани без детална и конкретна анализа, сепак во интерес на демократијата ние се произнесуваме во однос на нив, и тоа со конкретна аргументација и конкретна презентација за тоа што Владата го презема досега во однос на полињата на СДСМ бара мерки и тоа што го преземаме е драстично повеќе од она што се предлага.
Прво, и основно, и тоа треба да биде јасно секому, Владата не го прифаќа предлогот на СДСМ за зголемување на даноците. Не прифаќаме да се зголеми данокот на доход затоа што тоа ќе ги оптовари граѓаните и не прифаќаме да се воведе данок на користење на природни ресурси затоа што тоа ќе ги оптовари фирмите. Оваа Влада досега ги намали даноците, го намали персоналниот данок, го укина данокот за мали фирми, не ја оданочува добивката ако не се распредели, и нема намера да зголемува даноци. Тоа е стратешка определба на оваа Влада и тоа го истакнавме и за време на изборите и како принцип имаме намера до него да опстоиме.
Второ, во однос на преработувачката индустрија, Владата ја помага не само преработувачката туку и сите други индустрии. За преработувачката веќе се зголемија субвенциите за зеленчук, и субвенциите за овошје за преработка, намален е данокот за шеќер, и данокот на пулпа за сокови. За преработувачката и за сите други индустрии досега во прв пакет се доделени 100 милиони евра, во втор пакет 50 милиони евра, а во трет пакет ќе бидат доделени уште 100 милиони евра ефтини кредити по поволни услови од камата од 5,5% од крединтната линија на ЕИБ, при што Владата им ја субвенционира каматната стапка. Тоа е многу повеќе од она што СДСМ го предлага, а да не говориме за подобрувањата на бизнис климата со кои во изминатите години РМ се искачи на 22 место во светот во однос на бизнис климата.
Трето, во однос на категоријата земјоделско домаќинство, Владата оваа година дава рекордни земјоделски субвенции во висина од 130 милиони евра. Споредбата со износот од под 10 милиони евра од времето на СДСМ е навистина безпредметна. Во рамките на оваа Програма, Владата дава посебни субвенции за млад земјоделец, за жена земјоделец, за субвенција за рурален развој, а преку ИПАРД програмата учествува со 50% од учеството во набавка на земјоделска опрема и механизација, и тоа е повеќе од она што СДСМ го предлага.
Четврто, во однос на социјалните надоместоци, Владата гради бесплатни станови за лица со социјален ризик, за самохрани родители, и за лица со посебни потреби. Владата досега ја зголеми социјалната помош за сите ставки за преку 20%, за некои ставки како за деца без родители за 900%, а повторно согласно програмата етапно ќе се зголеми социјалниот надомест за дополнителни над 20%, Владата дава по 600 денари за енергетски потреби, и 12 000 денари годишно за школување на лица со социјален ризик, и тоа е повеќе од она што СДСМ го предлага. Законот за минимална плата започна со примена, и она што СДСМ не го прифати на времето како плата од 6000 денари, сега ние го прифативме во висина од 8040 денари, што е јасен доказ дека Владата знае како и кога да одмери правилна социјална политика, а не да се даваат паушални високи износи како предло кои во себе содржат доза на популизам, а кои не биле реализирани кога СДСМ бил на власт.
Петто, Владата досега примени два пакета на унапредување на казнената политика, и не само што во тие пакети некои од санкциите беа намалени како што предлага СДСМ, туку и беа укинати што е многу поголем исчекор. Исто така е воведена мерка на санкциона едукација, каде што фирмите доколку го отстранат прекршокот не се казнуваат. Во соработка со коморите разгледуваме понатамошно унапредување. Исто така Владата цени дека транспарентноста за информирање на јавноста е стратешки принцип.
Шесто, законското квантифицирање на ценовната стабилност и задолжителната мултилатерална компензација на побарувањата и обврските што ги предлага СДСМ, не се категории кои се карактеристични за капитализмот и пазарното стопанство, туку за социјалистичките држави.
Седмо, околу осигурувањето на депозитите, мерка е веќе реализирана, Владата во соработка со субјектите ја зголеми гаранцијата на депозитите од 20 на 30 000 евра, со што се оневозможи или се намали ризикот од случување на некој нов ТАТ.
Осмо, околу капиталните инвестиции, Владата секоја година го зголемува нивото на капитални инвестиции и тие се на највисоко ниво од постоењето на Македонија. Она што СДСМ го предлага за секоја капитална инвестиција да има објаснение, веќе се применува и постојат сеопфатни податоци за динамиката, сумата, користа на секоја капитална инвестиција. Исто така, во овој момент поради немањето влијание во светските цени на нафтата, поради флуктуацијата на курсот на доларот, и поради поврзаноста со еврото, интервенција во акцизниот дел ќе резултира со мало еднократно намалување на цената на бензините, но со тоа ќе се намалат средства од буџетот за изградба на нови училишта, болници, патишта и слично, што ќе претставува негрижа за граѓаните. Сепак не ја исклучуваме можноста доколку се изнајде простор за заштеди во буџетот, да се разгледа и усвои и оваа мерка.
Деветто, за поддршка на оние кои сакаат да реализираат бизнис и за компаниите, Владата со продажбата на земјоделско градежно земјиште за 1 евро за метар квадратен на субјекти кои стартуваат со индустрија, и субјекти кои градат угостителско-хотелски објекти значително помогна на бизнисот, исто како и со намалувањето на цените за откупување на дворни места на фабриките и до 70%.
Десетто, воведувањето на даночниот празник е невозможно поради природата на системот на ДДВ, а не системот на данок на приход, како и неможноста за техничка операционализација на фискалните каси, како и поради основаната опасност дека некои субјекти може да го манипулираат поволниот момент за претставување на зголемен обем на продажба во денот на даночниот празник и таму да ги префрлат сите приходи и од други денови.
Единаесетто, Владата во својата програма има предвидено многу повеќе мерки за поддршка на извозот како што се гаранции за извозниците и гаранции за градежните компаниите кои градат во странство
Дванаесетто, државата е најголем и најсигурен партнер на бизнисот, кој редовно и согласно закон ги сервисира своите обврски и нема потреба од некоја дополнителна гаранција, бидејќи секогаш, ама баш секогаш во време на било која Влада обврските се подмирувале во целост.
Тринаесетто, комуналните давачки, цената на превозот, фирмарината, изградбата на сплавови и изградбата на катни гаражи не се во ингеренции на Владата туку на единиците на локална самоуправа, и предлогот на СДСМ не е упатен на вистинска адреса.
Четиринаесетто, предлогот за намалување на кадарот за привлекување на странски инвестиции е несуштински, токму поради тоа што во последниот период доаѓа до израз политиката на Владата за привлекување на инвестиции, при што имавме мини бран од 10 инвестиции, и најава за уште десетина инвестиции, при што заслуга за тоа има целиот кадар, кој трошоците кои ги прави не се ниту 0,01% од само една инвестиција која е донесена. Би истакнал дека во предлогот на СДСМ недостасува конструктивен пристап како да се дојде до повеќе странски инвестиции, туку се работи само за предлог за отпуштање на луѓе и критика на еден концепт кој очигледно дава резултат на терен.
Петнаесетто, трошоците за членовите на управни и надзорни одбори, во вкупната маса се извонредно мали и немаат никаква значителна импликација, и навистина не претставуваат еквивалент на одговорноста која ја носат членовите на управни и надзорни одбори, и нивната надзорна функција која мора да постои согласно законите. Досега надоместоците се неколкукратно намалени.
Шеснаесетто, царината од синоним за корупција во минатото време, денес претставува симбол за продуктивно и транспарентно работење, и нашата Царина денес за својата работа има добиено над 20 признанија меѓи кои и од Обединетите нации, Европската Комисија и Европската Унија, а нашите цариници обучуваат цариници од земјите членки на ЕУ, таа ги има зголемено своите приходи точно како резултат на успешната работа.
Почитувани новинари,
Се обидов да дадам сеопфатен одговор на предлозите на СДСМ упатени преку г-дин Јовановски, со факти, проекти, аргументи и анализи. Владата во идниот период е отворена за соработка со сите субјекти доколку поднесат предлози и мерки кои ќе имаат бенефит или пак повисок бенефит за граѓаните и компаниите, какви што за жал не се овие кои сега во одговор на СДСМ ги елаборирав, а кои имаат исклучително една цел да се обидат да ја претстават опозицијата како конструктивна, односно дека има некаква идеја. За жал, во овие предлог мерки неможе да се препознае сериозен обид за подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните, но ние не сакаме да ја обесхрабриме опозицијата да не продолжи да размислува и понатаму да дава предлози но за реално подобрување на состојбите.