ЈАВЕН ПОВИК за интервентна набавка на заштитни маски со цел спречување на последиците од корона вирусот (COVID 19) за време на вонредната состојба
ПРЕДМЕТ
Предмет на овој јавен повик е интервентна набавка на заштитни маски со цел спречување на последиците од корона вирусот (COVID 19) за време на вонредната состојба.
Маските треба да бидат повеќекратно употребливи, односно изработени од материјал со следните карактеристики :
- Состав: 100% памук;
- Грамажа: 140-160 гр/м2;
- Промена на димензии при перење и сушење (собирање) на 95°C во основа максимум 5%, на јаток максимум 1%
II. ПРАВО НА УЧЕСТВО
Право на учество на јавниот повик имаат сите домашни производители кои ги исполнуваат условите од овој повик.
III. УСЛОВИ ЗА УЧЕСТВО
Економските оператори треба да ги исполнуваат следните услови и тоа:
- испорака на најмалку 2000 маски дневно;
- испораката да се врши за период на траење на вонредната состојба, на различни локации во Скопје;
- единечната цена по маска да изнесува максимум 40 денари плус данок на додадена вредност за маските изработени од материјал за изработка во сопственост на економскиот оператор;
- единечната цена по маска да изнесува максимум 25 денари плус данок на додадена вредност за маските изработени од материјал обезбеден од страна на Владата на Република Северна Македонија;
- за материјалот од кои ќе се изработуваат заштитните маски потребно е да се достави извештај од извршена лабораториска анализа издаден од страна на овластена лабораторија, со примерок од маската во прилог.
IV. ДОКУМЕНТИ ЗА ДОКАЖУВАЊЕ НА СПОСОБНОСТ
Со цел докажување на својата способност,понудувачите треба да ги достават следните документи:
- Документ за регистрирана дејност (ДРД образец),
- Извештај од извршена лабораториска анализа од овластена лабораторија во однос на квалитетот на маските,
- Примерок од маските што ќе се доставуваат и
- Изјава од понудувачот дека може да врши испорака на најмалку 2.000 маски дневно.
V. НАЧИН НА ДОСТАВУВАЊЕ НА ПОНУДАТА
Понудите да се достават во затворен плик, по пошта или лично до архивата на Договорниот орган наследната адреса: Влада на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, бул.„Илинден“ бр.2, 1000 Скопје.
VI. РОК ЗА ДОСТАВУВАЊЕ НА ПОНУДИТЕ
Понудите да се достават најдоцна до 27.04.2020 година до 15.00 часот. Понудите кои нема да бидат доставени во предвидениот рок нема да бидат разгледувани.
VII. ОЦЕНУВАЊЕ НА СПОСОБНОСТ НА ПОНУДУВАЧИТЕ
Комисија составена од 5 (пет) члена од редовите на Влада на Република Северна Македонија - Генерален секретаријат, Министерствио за политички систем и односи меќу заедниците, Министерство за здравство, Министерство за информатичко општество и администрација и Министерство за внатрешни работи ќе извршат оценување на способноста на понудувачите согласно бараните услови во повикот и ќе предложат избор до Одговорното лице.
VIII. СКЛУЧУВАЊЕ НА ДОГОВОР
Влада на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, ќе склучи договор со сите понудувачи кои ги исполнуваат условите.
Испораката на 2000 маски дневно ќе биде реализирана на еднакви делови, односно сразмерно на бројот на понудувачи со кои ќе се склучи договoр.
Лица назначени од страна на Договорниот орган ќе вршат квалитативна и квантитативна проверка при испораките.
Економскиот оператор кој ќе достави понуда и ќе склучи договор, доколку не го исполни предметот на набавката според квалитет и квантитет ќе му биде наплатена договорна казна согласно склучен договор и ќе се има во предвид при докажување на способноста за неисклучување од постапка при спроведување на редовни јавни набавки.
IX. НАЧИН НА ПЛАЌАЊЕ
Плаќањето ќе се врши по достава на фактура и испратници за извршена испорака во архивата на Договорниот орган – Влада на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, со седиште на бул Илинден бр.2, Скопје, во рок од 60 дена од денот на приемот.
X. ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИИ
За дополнителни информации понудувачите може да се обратат до Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат на телефон 02/3118-022.