Владата на Република Северна Македонија на денешната 59-та седница донесе заклучок да достави до Претседателот на Република Северна Македонија извештај за преземените активности на државните институции за справување со кризата предизвикана од коронавирус со анализа за состојбата и со предлог за прогласување вонредна состојба во наредните 14 дена, заради неопходните дејствија за справување со КОВИД-19 и заради економските мерки.
Владата денеска ја донесе Уредбата со законска сила за издавање на ваучери на вработени лица со низок доход заради поттикнување на домашниот туризам за време на вонредна состојба, како дел од третиот пакет економски мерки за поддршка на граѓаните за ублажување на последиците од корона кризата и за поддршка на потрошувачката на домашни производи и услуги.
Ваучерот за туризам, со номинална вредност од 6.000 денари издаден од Министерството за економија ќе го добијат вработени лица со низок доход заради плаќање на искористена туристичка и угостителска услуга на сместување или услуга на сместување и исхрана во категоризирани угостителски објекти за сместување, преку даватели на туристички услуги, регистрирани вршители на туристичка дејност.
На денешната седница Владата донесе заклучок да го задолжи Министерството за внатрешни работи да ги стопира тековните постапки за распоредувања и унапредувања во министерството бидејќи се спротивни на одредбите од Законот за Влада.
Извадок од Нацрт – записникот од 59-та седница на Владата на Република Северна Македонија, Точка 1