Министерството за здравство информира дека во изминатите две ипол години подобрени се условите во 28 јавно-здравствени установи. Со ова, здравствената заштита за пациентите е подигната на едно повисоко ниво, додека пак здравствените работници и соработници имаат значително подобрени услови за работа.
Целосно се реновирани хируршките сали на Клиниката за ортопедија при Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ). Реновирани се одделенијата и на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, Клиника за хематологија, Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, Клиниката за неврохирургија, Клиниката за очни болести, како и болничкиот оддел на Клиниката за гастроентерохепатологија.
На Клиниката за ендокринологија извршена е комплетна реконструкција на кабинетот за интензивна нега и пристапните простории. На почетокот на 2020 година, се пушти во употреба новата хируршка сала и реновираниот болничкиот оддел на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија.
За првпат, по 4 децении се реновирани двете гинеколошки операциони сали во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир, како и условите за престој на родилките во Клиниката за гинекологија и акушерство - бојадисани се сите 24 соби од одделението каде се наоѓаат родилките и бебињата.
Комплетно е обновена Службите за итна медицинска помош во Здравствениот дом во Битола и во Здравствениот дом во Велес.
Минатата година, во Општата болница во Куманово се отвори новиот Ургентен центар - кој претставува комплетно нов објект изграден од темел.
Во Градската општа болница „8 Септември“ се отвори нов Кардиоваскуларен центар во оваа болница, со што се подигна нивото на здравствени услуги.
Исто така, во 2019 година се пушти во употреба од темел изграденото ново одделение за акутни состојби во Психијатриската болница-Негорци, а по 63 години изграден е нов машки павилјон во Психијатриската болница во Демир Хисар. Клиниката за психијатрија во Скопје целосно е реновирана. Комплетно се реновирани и опремени болничките соби за третман на хоспитализирани пациенти, како и амбулантскиот дел и кровот на зградата.
Вакциналните пунктови во Поликлиниките „Чаир“ и „Ѓорче Петров“ се целосно реновирани.
Во општата болница во Охрид се отвори нов Центар за рани интервенции и третман кај деца со нарушувања од аутистичниот спектар, додека пак во Заводот за слух, говор и глас е реновиран одделот за интензивен рехабилитациски третман за деца со аутистичен спектар и комбинирани развојни нарушувања.
Подобрени се услови за пациентите и во Специјализираната болница за белодробни заболувања и ТБЦ-Лешок.
Со реновирањето на Институтот за трансфузиона медицина создадени се нови соодветни просторни услови.
Во Општата болница во Куманово, Клиниката за гинекологија и акушерство и во Клиничката болница Тетово се отворија три центри за упатување на жртви од сексуално насилство. Во овие центри се даваат услуги по стандардизирани оперативни процедури, со кои може да се превенираат животозагрозувачки последици.
Во Специјалната болница по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје (стара градска болница) завршена е првата фаза од реконструкцијата на одделенијата.
Во 2019 година се отвори „Родителска куќа“, наменета за родители чии деца се на подолг престој во болница, а не живеат во Скопје.
Во изминатите две години се отворија шест Роса школи за родителство во Скопје, Гостивар, Битола, Струмица, Куманово и Охрид.
Министерството за здравство продолжува и во наредниот период да ги подобрува условите како во здравствените установи, така и во вложување на нови медицински апарати и вложување во човечкиот капитал.