МОН промовираше систем за откривање плагијати
Министерството за образование и наука денеска промовираше софтвер со кој ќе се откриваат плагијати во научни и семинарски трудови, магистерски, докторски дисертации и учебници. Тој е тестиран на три факултети, а од денеска функционира на веб-страницата www.plagijati.mon.gov.mk.
- Системот овозможува лесно и ефикасно откривање трудови кои во целост или во некој свој интегрален дел може претставуваат плагијати на веќе објавени, оценувани или презентирани трудови, рече на прес-конференција министерот Панче Кралев.
Системот има специјални статистички методи и алгоритми со кои ќе го пребарува текстот и ќе ја одредува неговата оригиналност. Препознава текстови од ист јазик (од македонски на македонски, од албански на албански, од англиски на англиски јазик...).
Се очекува да го користат студенти, професори и истражувачи од јавните високообразовни институции во Македонија, но и сите кои се заинтересирани да откријат дали нечие дело е туѓ труд. Секој ќе може и да пријави плагијат, со наведување од каде е преземен спорниот текст. Стручни комисии на МОН тоа ќе го прегледаат за да ги потврдат или отфрлат тврдењата.
- Системот ќе даде и процент колку некој труд е плагијат... Процентот на поклопување тешко се одредува и зависи што точно е препишано во текстот, зашто има интегрален текст, воведи, заклучоци... Според некои претпоставки, не треба да има повеќе од 15 до 30 проценти, рече Кралев.
На порталот Наука.мк се формира и постојано ќе се полни база на веќе објавени трудови. Засега пријавувањето на трудовите е доброволно, но наскоро ќе биде обврска таму да се регистрира секој новообјавен труд за да може да се споредува со веќе објавените и на тој начин да се откриваат неоригинални дела.
Според Кралев, во Македонија има тенденција на плагијати и тоа е дебатирано во јавноста. Додаде дека се работи за феномен со кој справувањето не е лесно и очекува дека системот ќе има позитивен ефект и ќе ги ограничи препишувачите.