Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска денеска оствари увид во завршени градежни работи на територијата на Општина Охрид.
„Денеска во Охрид можеме видливо да видиме што значи ставање на приоритети. Да видиме каде ги става приоритетите Владата но и Општината. Како Влада ја прекинавме праксата на вложување во споменици и жални врби и други непотребни работи. Буквално една милијарда евра насочивме кон инфраструктура која значи промена и подобрување на животот на граѓаните.
На кој начин ќе се грижиме за најмладите ако немаат спортски сали во училиште или влегуваат во полураспаднати училишта? По речиси 60 години незакована шајка денес можеме да видиме како изгледа комплетно реновирано и реконструирано училиште и спортска сала реновирана по европски стандарди.
Ова е и една од причините зошто оваа година има и многу зголемен интерес за упис во ова училиште. Треба да им дадеме шанса на младите кога ќе влезат во квалитетно и добро опремено училиште, по завршувањето да може веднаш да влезат во економијата и да заработуваат подобро.
Ова е вистинска инвестиција во следните генерации. Како Влада решивме дека и во услови на корона криза, инвестициите во инфраструктурата да продолжат. И ако денеска се прошетате во Охрид ќе видите дека навистина инвестициите не запираат. Во следните четири години како Влада планираме да инвестираме уште две милијарди евра“, изјави Шекеринска.