Шекеринска од Битола: Целта на оваа Влада беше парите на граѓаните да бидат на граѓаните и да ги вбризгаме во економијата

Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, денеска во Битола имаше работна средба со градоначалничката Наташа Петровска и притоа изврши увид во градежни работи на едно од обележјата на Битола – Офицерскиот дом.

Во изјавата за медиуми Шекеринска рече: „Ние како Влада уште во 2017-та почнавме со постапка за Офицерскиот дом во Битола комплетно да се реконструира за наесен битолчани да си го вратат Домот на уметноста. Заедно со делегацијата на ЕУ, Светска банка и Општината, во Офицерскиот дом вложивме над 960.000 евра, да го добие заслужениот лик и тука како што прилега да се врати културниот белег на градот.

Офицерски е симбол за се што минатите три години направивме во Битола, бидејќи во истата опасност како овој објект беа сите образовни институции во градот кои претходната власт ги остави во колапс со милионски долгови, и сите здравствени институции кои беа во очајна состојба“.

Дополнително во своето обраќање Шекеринска изјави дека за оваа Влада беа приоритет општините и нивните проблеми.

„Од самиот почеток на мандатот па до денес се работи на деблокада и на решавање на сите проблеми кои ги наследивме од претходната власт. Десет училишта само во Битола беа со блокирани сметки. Како Влада издвоивме 2.5 милиони евра да го покриеме долгот кој го оставија.

Клиничката болница во Битола која имаше милионски долгови, сега функционира беспрекорно и тоа во реконструиран објект и со функционална брза помош.

Во училиштата го сменивме системот за греење, издвоивме 2.5 милиони евра за 2.500 семејства во Битола да постават клима инвертери и за една година ја изградивме железничката пруга од Битола кон Грција која претходната власт ја ветуваше десет години. Дополнително, Владата со 18 милиони евра финансиска помош ја поддржа битолската економија уште пред КОВИД-19 кризата.

Целта на оваа Влада беше парите на граѓаните да бидат на граѓаните и да ги вбризгаме во економијата“, додаде Шекеринска.