Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, директорот на Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој, Никола Бабовски и градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски денеска извршија увид во работите на изградба на водоводна и канализациона мрежа во индустриската зона Визбегово.
Во изјавата за медиумите, премиерот Спасовски истакна дека чесниот, искрен, домаќински и одговорен пристап дава резултати.
„Овде, во индустриската зона „Визбегово“, во Општина Бутел, денеска објавуваме дека работите на изградбата на канализационата мрежа течат со засилено темпо што најавува дека може да биде завршена и порано од предвидениот рок. Овој проект кој е помогнат од централната власт се работеше во две фази. Првата фаза беше изградбата на 7,3 километри должина на водоводна мрежа која наскоро ќе биде пуштена, а во тек се градежните работи за изградба на канализациона мрежа долга 5,2 километри со два краци, со вредност од околу 147 милиони денари. Индустриската зона „Визбегово“ во Општина Бутел до сега функционираше без комунална инфраструктура. За нејзин поголем развој, потребно беше е да се постави водоводна и канализациона мрежа“, објасни премиерот Спасовски.
Тој потенцираше дека врвни приоритети на Владата се справувањето со коронавирусот и организирањето на демократски, фер и инклузивни избори и дека постојано Владата е на терен да се направи увид во напредокот на работите на голем број инфраструктурни проекти, да се охрабрат изведувачите на овие капитални проекти низ целата земја и да се одржи темпото на реализација и во овие вонредни околности.
„За три години направивме пресврт на подобро. Покажавме дека знаеме и можеме да работиме чесно, одговорно и во интерес на граѓаните. Како што реков, соработката на Владата со Општина Бутел е раководена од интересите на граѓаните. Нивните непосредни и најважни приоритети се и приоритети и на Владата и на Општината. Се спроведуваат и работите на автопатот од граничниот премин Блаце до Скопје, како исклучително важно инфраструктурно решение и за индустриската зона „Визбегово“. Овие проекти се резултат на пресвртот што го направи Владата од 2017 година наваму. Коалицијата со бизнис заедницата и со граѓаните ги стави нивните приоритети на прво место зашто дојдоа од нив и се реализираат како придобивки што ќе ги вратат парите од даноците на граѓаните и на компаниите во проекти што ќе го поттикнат нивниот стандард и нивниот економски напредок“, потенцираше премиерот Спасовски.
Тој нагласи дека се гради и на други патни правци во Општината и дека се работи паралелно на многу други проекти.
„Почна изградбата на патот од село Бутел до село Љуботен, кој ќе биде долг 6 километри и ќе се прошири за уште еден метар. Владата за овој проект издвои повеќе од 11 милиони денари преку проекти за поддршка на руралниот развој и 12 милиони денари средства од буџетот на Општина Бутел. Последната реконструкција на патот е направена далечната 1991 година со самопридонес од жителите на село Љуботен. Поради лошата инфраструктура земјоделците од оваа општина имаа потешкотии во производството заради лошиот пристап за механизација, но и за пласманот на своите производи поради отсеченост со градот. Со реконструкцијата и проширување на патот ќе се покрие население од 5.000 жители. Тука се жителите на Љуботен, Љуботенски пат, Љубанци населбата на Хот-Хот и атрактивниот реон над Љуботен - Башинец за кое во моментов има заинтересирани инвеститори, како од земјата така и од странство. Во моментов се градат социјални згради во скопската Општина Бутел со најголем број станови. Дури 312 стана за нашите граѓани во социјален ризик“, акцентираше премиерот Спасовски.
Тој потсети дека во Бутел во наредниот период е предвидена гасификација на Бутел 1 и Бутел 2, изградба на полициска станица и изградба на противпожарна станица.
„Бутел пред само еден месец доби нов и модерен булевар - булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“, а во завршна фаза е и реконструкцијата на булеварот „Босна и Херцеговина“ кој ќе се спојуваат булеварот „Словенија“, „Босна и Херцеговина“ и „Христијан Тодоровски Карпош“, во една модерна сообраќајна мрежа. За потсетување, некогашната улица „Босна и Херцеговина“ е изградена пред 40-тина години, од тогаш асфалтот не е променет, а улицата била широка само 7 метри. Се обврзавме дека можеме уште подобро кога тоа го правиме во директна комуникација и заеднички со општините бидејќи тие ги знаат потребите, а заеднички со нив ги имаме и решенијата од огромно значење за актуелниот момент и за иднината на граѓаните и на стопанствениците“, конкретизираше Спасовски.
На крај тој потенцираше дека тоа е основата за новата развојна македонска економија која носи стабилност и шанса за сите, заснована на нови технологии, одржливост и човечки капитал, модел што ќе ги штити работните места на граѓаните, ќе генерира повисоки плати и подобри работни места.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески во своето обраќање потенцираше дека активностите на терен јасно покажуваат дека одговорно се исполнува тоа што е ветено пред граѓаните и компаниите.
„Ветивме инфраструктурно уредување на индустриската зона Визбегово со цел да овозможиме подобри услови за работа во зоната, можности за нови инвестиции и развој на стопанството. Ова беше клучното барања на стопанствениците кои работат во зоната, долги години канализација и водовод беше само поим на хартија. Оваа Влада застана цврсто зад барањата на инвеститорите и полека го решаваме и ова прашање. Во завршна фаза е изградбата на водоводот во должина од 7 километри, инвестиција во вредност од 1,6 милиони евра, а во моментов со силно темпо работиме и на изградба на канализациона мрежа за што можам слободно да кажам дека едниот крак е веќе завршен, другиот крак е во завршна фаза, така да ќе завршиме многу многу порано од рокот што е даден во проектот. И за овој проект инвестираме 2,4 милиони евра или досега 4 милиони евра само во комуналната мрежа. Сакам да нагласам дека во рамките на проектот за локални патишта, за Општина Бутел обезбедивме 690 илјади евра за санација на улиците низ општината“, истакна министерот Сугарески.
Тој акцентираше дека само со посветена работа и инвестиции за унапредување на целокупната инфраструктура во државата можеме да очекуваме развој на стопанството, нови домашни и странски инвестиции и економски раст на државата и вети дека продолжуваат и понатаму да работат за посилна економија и подобар живот на сите граѓани.
Директорот на Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој, Никола Бабовски во својата изјава издвои дека во Општина Бутел, преку Програмата за рурален развој, а со средства од Буџетот, инвестирано е 11 милиони денари за проширување и реконструкција на регионален пат од Бутел до с.Љуботен, дека за прв пат по 20 години жителите од Љуботен, добија проширен и целосно реконструиран пат, со што за сите граѓани кои живеат во Раштак, Љуботен и Бутел овозможено е безбедна, патна инфраструктура за проток на добра и луѓе.
„Покажавме дека знаеме и можеме, парите од даноците на граѓаните да ги вратиме назад кај граѓаните, во проекти кои им се важни и потребни. Во 80 општини, реализираме околу 200 проекти, со вкупна вредност од 38 милиони евра. Проектите беа нотирани од граѓаните и општините, како нужна потреба. Оваа Влада, покажа дека може рамномерно – регионално да ја развива целата држава, не само метрополата“, акцентираше директорот Бабовски.
Градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски во својата изјава истакна дека успешно се спроведува долгорочната стратегија за изградба на инфраструктура која ќе се остане и за идните поколенија и дека дури и во вонредни околности во Општина Бутел интензивно се работи.
„Индустриската зона „Визбегово“ во Oпштина Бутел до сега функционираше без комунална инфраструктура. За нејзин поголем развој, потребно беше е да се постави водоводна и канализациона мрежа. Овој голем проект е помогнат од централната власт и се работеше во две фази. Првата фаза беше изградбата на 7,3 километри должина на водоводна мрежа. А во завршна фаза се градежните работи за изградба на канализациона мрежа. Со ова не само што ќе овозможиме повеќе услови за работа на постоечките компании, туку и ќе создадеме услови да привлечеме што повеќе домашни и странски инвестиции во Општина Бутел“, потенцираше градоначалникот Смилевски.