Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски и заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, денеска извршија увид во работите на училиштето „Браќа Рамиз и Хамид“ во Општина Шуто Оризари.
Во изјавата за медиумите, премиерот Спасовски истакна дека Владата на Република Северна Македонија во изминатите три години покажа што значи вистинска грижа за сите граѓани подеднакво.
„Покажавме дека македонското општество и нашите граѓани можат да бидат и солидарни и грижливи, дека може да се помогне на секоја индивидуа или заедница на која тоа и е потребно. Социјалната помош ја зголемивме за 300 отсто и неколкукратно го зголемивме опфатот на корисници. Воведовме детски и образовен додаток за поефикасна борба против детската сиромаштија. Минималната плата ја зголемивме од 9.000 на 14.500 денари. Го решивме проблемот со стечајците, денес околу 12.000 стечајни работници добиваат по 8.000 денари до нивно пензионирање“, потенцираше премиерот Спасовски.
Тој нагласи дека солидарно се бориме и против последиците на коронавирусот и дека сите погодени од корона кризата добиваат институционална и солидарна помош.
„Направивме пресврт и разлика, од општество во кое 11 години се газеше врз достоинството на луѓето и станавме општество во кое се помага на сиромашните и ранливите, држава која се стреми сите да имаат и да уживаат еднакви права. Обезбедивме силна имплементација на политиките кои го помагаат вклучувањето на ранливите категории граѓани во општествените процеси и во институциите на општеството. Една од тие политики е квалитетното инклузивно образование за сите.
Денеска, овде во Општина Шуто Оризари, ја следиме таа трансформација во општинското основно училиште „Браќа Рамиз и Хамид“. Гледаме како се остварува стремежот и визијата на општинските власти, со поддршка на Владата, училиштето “Браќа Рамиз и Хамид“ да биде во првите редови на сите општествени трансформации и да прерасне во модерно училиште, училиште по мерка на секое дете, училиште на 21 век“, акцентираше премиерот Спасовски.
Тој образложи дека во континуитет во текот на 2018, 2019 и 2020 година се направени сериозни реконструкции и промени за да се создадат соодветни услови за работа во училиштето, како за учениците, така и за наставниот кадар и сите вработени, сè со цел подобрено и непречено одвивање на наставата.
„Општина Шуто Оризари доби поддршка и од Планот за чист воздух за 2019 година за промена на старите прозорци и врати во зградата на општината, со цел да се подобри енергетската ефикасност на објектот, со што се овозможи заштеда на топлинска енергија, како и заштеда на општинските буџетски средства. Дополнително од Планот за чист воздух, за Општина Шуто Оризари се издвоени 500.000 денари за хортикултурно уредување и реконструкција на дворната површина со зелена површина во ОУ „Браќа Рамиз и Хамид”, објасни премиерот Спасовски.
Тој потенцираше дека континуитетот продолжува и оваа година, дека во наредните месеци ќе започне изградбата на нова фискултурна сала, хортикултурно уредување на внатрешните и останатиот дел од надворешните паркови и зелени површини, ќе се замени стариот училиштен инвентар со нов и ќе се опремат училниците и кабинетите со современа технологија и смарт табли.
„Грижата за најмладите останува во врвот на приоритетите и на Општината и на Владата. Над 450 деца Роми чии што семејства се во социјален ризик се ослободени од плаќање партиципација за посетување на градинка, во рамки на блок дотациите што локалните самоуправи ги добиваат од Министерството за труд и социјална политика. Раниот детски развој е основата за понатамошниот развој и едукација на секој поединец и токму затоа во изминатите три години посветено и силно работевме на вложување во раниот детски развој. Инвестирано е во вкупно 43 градинки, а истовремено се јакнат и професионалните компетенции на воспитувачите, преку различни програми но и со зголемување на платите. Само во текот на мината година платите на вработените во градинките се зголемени за 26 проценти“, ја акцентираше грижата и за најмладите од страна на Владата премиерот Спасовски.
„Независно од оваа програма, дополнителни 6.000.000 денари од буџетот на Министерството за труд и социјална политика се наменети за внатрешно опремување на нова детска градинка „8-ми април“ во Општина Шуто Оризари. Со овие, и со други проекти во образовните и другите политики за еднаков пристап за развој на општеството, системски ја решаваме инклузијата на деца Роми со вклучување на единиците на локална самоуправа, како дел од зацртаните цели од Националната Стратегија за Роми“, финално потенцираше во својата изјава премиерот Спасовски.
Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули се осврна на планот за чист воздух и енергетска ефикасност на државните и јавни установи имплементиран преку Министерството за животна средина и просторно планирање и во ова училиште.
„Она што е важно е дека ова хортикултурно уредување е опремено со системот „капка по капка“ и садењето е со плодородни дрвја бадеми и лешници за да можат децата и визуелно да учат. Преку планот за чист воздух оваа година ќе интервенираме во здравствениот дом овде во Шуто Оризари во вредност од 230.000 денари. Би сакал да потсетам за овој пост ковид период и заложбата која ја имаат сите земји во Европа да нема државна зграда да не е енергетски ефикасна и што загадува е практично истата заложба што ја имаме и ние. Со милион денари е интервенирано кон Општината Шуто Оризари за енергетска ефикасност со што ќе се зголеми за 30 проценти ефикасноста и така ќе одиме во сите јавни и државни установи во следниот период бидејќи тоа е најдобриот начин да се справиме со аерозагадувањето а во рамки на борбата со аерозагадувањето планирано е поставување на мерна станица која што ќе ги детектира вредностите. Во овој момент во градот Скопје последната зимска сезона на претходната Влада во однос на оваа за 60 проценти е намалено во просек загадувањето по број на денови и по максимална и минимална концентрација“, истакна Макрадули.
Претседателката на Советот на Општина Шуто Оризари, Фатима Османовска истакна дека ако една помала заедница е обесправена во однос на мнозинството и не може да ги ужива сите права во општеството, исчекорот напред е можен само со унапредување на образованието на таа заедница и затоа сме должни сите заедно да вложуваме во обезбедување на услови за мотивација на децата и младите и нивно вклучување и останување во образовниот систем.
„Токму затоа инвестираме, во нова најмодерна по европски терк детска градинка и во целосна реконструкција на едно од најголемите училишта во Република Северна Македонија, нашето „Браќа Рамиз и Хамид“. За децата и младите образовните и воспитните институции да ги чувствуваат како свој втор дом. Врвен приоритет и понатаму ќе ни бидат училиштата, сè додека не видиме цели генерации излезени од ова училиште, високообразовани, успешни бизнисмени, професори, лекари, политичари. Нудиме решенија за развој на заедницата, преку урбанизација на општината, прв пат после 25 години. Секое домаќинство да има пристап до патишта проектирани и изведени по највисоки стандарди. Секое домаќинство да има безбеден дом од поплави и затоа следниот голем проект заедно со Владата ќе ни биде опфатот со атмосферска канализација на населбата во местата кои не се опфатени, во вредност од 1,5 милиони евра“, потенцираше Османовска.
Таа изрази уверување дека заедно со Владата ќе се продолжи на развивање наменски мерки, за младите, децата, пензионерите и вработените.
„Образован, вработен Ром со свој дом. Тоа е нашето мото за работа и како локална самоуправа сите наши ресурси ги насочувавме и ќе продолжиме да ги насочуваме се со една цел - да бидеме и ние како заедница дел од едното општество за сите“, финално истакна во својата изјава Османовска.