Министерот без ресор задолжен за дијаспора и претседател на работната група за поддршка на Преспанскиот регион, Едмонд Адеми и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска го претставија проектот ЕУ за Преспа, финансиран од ЕУ, како и „Преспа форумот за дијалог“.
„Во септември минатата година, Владата формираше работна група за поддршка на Преспанскиот регион, во која членуваат заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, претставник од СЕП, Министерството за животна средина и просторно планирање, за Локална самоуправа, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, двајца советници на Претседателот на Владата и Царинската управа. Честа да ја водам групата ми припадна мене“, нагласи министерот Адеми, претставувајќи ја иницијативата за проектот ЕУ за Преспа. Вкупната сума на проектот, според Адеми е 18 милиони евра и средствата ќе бидат обезбедени од IPA III фондовите за 2021 година.
„Целта на проектот е да му понуди на регионот долгорочна и одржлива економска перспектива, а со тоа и задржување на младите во самиот регион. На терен, со одредени свои димензии, тој поставува ЕУ стандарди за градење и функционирање на истите”, додаде Адеми.
Тој, исто така, го претстави „Преспа форумот за дијалог“, кој се појавува како резултат на подобрениот меѓународен имиџ на државата, по потпишаниот Преспански договор и одблокираниот евро-атлантски процес.
„Планот ни е, традиционално, секој 17 јуни, кога е потпишан е Преспанскиот договор, да организираме меѓународен форум за дијалог и соработка, на кој би поканиле што поголем број на светски и регионални државници и јавни личности. За тоа, следните месеци, по изборите, ќе ги дефинираме деталите, согласно претходната формална одлука на Владата”, рече Адеми.
Според него, ако Словенија е позната по Бледскиот стратешки форум, Хрватска по Дубровник форумот, Германија со Минхенската безбедносна конференција а Швајцарија по Светскиот економски форум во Давос, Северна Македонија би била позната по „Преспа форумот за дијалог“.
Во своето излагање, министерот Никола Димитров нагласи дека конечната спогодба или поколоквијално - Преспанскиот договор беше нашироко поздравен и препознаен од меѓународната заедница и демократски свет и дека тоа што се чинеше невозможно и нерешливо речиси три децении, може да се надмине.
„Се премостија тридецениските разлики меѓу двата соседи, со искажување јасна волја за зацврстување на меѓусебната доверба, градење пријателство, но и како главен двигател во процесот на развивање на стратешко партнерство и сојузништво во рамките на НАТО алијансата и Европската Унија. Се решија разликите околу името и опсегот на неговата употреба. Решена е и употребата на кодовите на нашата држава. Покрај храброста и визионерството од двете страни, компромисот беше овозможен и со потврдување на клучните идентитетски одредници, вклучително на нашиот македонски јазик”, рече Димитров.
„Иницијативата на новата (постизборна) Влада да донесе формална одлука за основање на „Преспа форумот за дијалог“, кој би претставувал своевиден меѓународен форум за дијалог, соработка и решавање на меѓународни спорови кои низ призмата на историскиот успех на Преспанскиот договор, би послужил како инспирација за идните генерации при надминување на разликите и отворените прашања”, заклучи министерот Димитров.
Планирано е „Преспа форумот за дијалог“ да биде сместен во мултимедијалниот центар, кој ќе биде изграден како дел од проектот ЕУ за Преспа. Визуелниот изглед на центарот беше претставен од архитектот Ивана Белчева.