Груевски: Не планираме да ја зголемиме старосната граница за пензионирање

Не планираме да ја зголемиме старосната граница за пензионирање, истакна премиерот Никола Груевски во одговор на новинарско прашање по промоцијата на новите 68 двокатни автобуси, донација од Владата за ЈСП „Скопје“. 

- Со сите пакети на антикризни мерки што ги презедовме и со останатите мерки и реформи кои континуирано ги преземаме сметаме дека можеме да ја одржиме сегашната ситуација без зголемување  на старосната граница за пензионирање, изјави премиерот Груевски. 

Тој појасни дека речиси половина од земјите во Европа во изминатите три години, како што кажа, притиснати  од светската економска криза и од европската должничка криза, како и од намалувањето на приходите во буџетот и редица други проблеми поврзани со пензиските фондови беа принудени  да ја зголемат старосната граница за пензионирање на 67, па дури и до 68 години старост. Тоа, додаде, се случуваше и во земјите од ЕУ и во земјите од Балканот.

Македонија, посочи,  во неколкуте последователни кризи по 2008 година, предизвикани со нафтениот шок, шокот со цените на храната, светската економска криза и европската должничка криза која се уште трае и рецесијата со која се соочува ЕУ излезе со помали лузни од европските земји.

- Имавме исклучително здрави макроекономски политики и исклучително стабилна макроекономска ситуација, денарот е стабилен. Макроекономски зејмата исплива со максимално добра ситуација во едни вакви односи или со најмалку можни лузни во еден исклучително  тежок период за цела Европа, па и за светот, рече Груевски.

Европа, додаде, излезе со многу потешки лузни како на макро, така и на микро економски план. Нагласи дека во Европа за разлика од Македонија имаше намалување на платите на вработените, отпуштање од администрацијата, затворање на банки и на компании, зголемување на невработеноста, намалување на субвенции за земјоделци,...

- Во поголемиот дел од земјите во Европа се зголемија и даноците. Во 25 од 27 земји членки на ЕУ се зголеми ДДВ-то. Кај нас не само што не се зголеми, туку во неколку сектори го намаливме  данокот на додадена вредност, како и некои други даноци и давачки кон државата, потенцира Груевски.

Во врска со последното претставување на економските можности за инвестирање во Македонија во Индија и Малезија македонскиот премиер истакна дека очекува по период од година до две, кој е нормален за развивање на бизнис проект, да дојде до реализација на дел од проектите. 

- Меѓу 300 и 350 компании во Индија и околу 70 во Малезија во период од неколку дена имаа можност да ги слушнат поволностите за правење бизнис во Македонија. На презентациите присуствуваа компании кои се заинтересирани да дојдат на европскиот пазар или веќе го имаат направено тоа. Им ги објаснивме сите предности што ги има македонската економија, одговаравме на многу прашања особено во делот на даноците, процедурите и генералниот економски амбиент. Со многу од компаниите  на нивно барање имавме и поединечни средби на кои сакаа да ги претстават своите планови и проекти што не охрабрува дека дел од нив ќе инвестираат во земјава, појасни премиерот Груевски.