Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски денеска ја прими амбасадорката на Сојузна Република Германија, Анке Гизела Холштајн и ѝ изрази честитки за започнувањето на нејзиниот дипломатски мандат во нашата земја.
Премиерот Спасовски на средбата ја истакна одличната соработка со претходниот амбасадор Томас Герберих, и изрази уверување дека и со новата амбасадорка ќе продолжи продлабочувањето на односите и зајакнување на соработката меѓу Северна Македонија и СР Германија.
Во разговорот со амбасадорката Холштајн беше изразено големото взаемно задоволство од исклучително добрите билатерални односи, од интензивниот и динамичен дијалог, што кулминираше со посетата на Канцеларката Меркел на нашата земја во септември 2018 година.
Двете земји имаат одлична соработка во различни сфери, при што се издвојува економијата заради фактот што СР Германија е наш прв трговски партнер со над 4 милијарди евра трговска размена во 2019 година и земја од која доаѓаат најголемиот број и најзначајните инвеститори.
Премиерот Спасовски на средбата ја нагласи пријателската улога на СР Германија за поддршката за нашата земја за остварувањето на членството во НАТО и за поддршката во процесот на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и изрази задоволство од очекувањето дека првата меѓувладина конференција ќе се одржи во втората половина на 2020 година, за време на германското претседателство со ЕУ, за што стигна охрабрување и од канцеларката Меркел дека тоа е и една од целите на СР Германија за време на претседавањето со Европскиот Совет.
Амбасадорката Анке Гизела Холштајн на средбата со премиерот Спасовски потенцираше дека СР Германија го презема претседавањето со ЕУ во еден исклучително кризен период заради пандемијата со КОВИД-19. Таа дополни дека врвниот приоритет во претстојниот период е со победата над вирусот Европа да биде повторно силна и дека тоа ќе го направат заедно со сите земји членки на ЕУ и нејзините партнери, и дека меѓу приоритетите на германското претседавање со ЕУ влегува и заложбата за одржување на првата меѓувладина конференција за старт за почеток на преговорите со Северна Македонија за членство во ЕУ.
Тема од интерес на оваа средба беше и организацијата на изборите за пратеници во Собранието, при што премиерот Спасовски истакна дека изборите на 15 јули ќе бидат успешно спроведени, како што доликува на земја членка на НАТО и земја што наскоро ќе започне преговори за членство во ЕУ, за што гаранција се и успешно спроведените локални избори во 2017, претседателските во 2019 и референдумот во 2018 година.