Заменик-претседателката на Владата на Република Северна Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот задолжен за дијаспора и претседател на работната група за поддршка на Преспанскиот регион, Едмонд Адеми во Ресен го претставија проектот „ЕУ за Преспа“ и иницијативата „Преспа форум за дијалог“.
Заменик-претседателката на Владата и министерка за одбрана, Шекеринска, преку зборовите на големиот грчки филозоф, Аристотел, посочи дека без храброста не може ништо да се направи и дека токму храброста заедно со честа се најголемите доблести, кои беа потребни да се реши еден од најголемите проблеми кои ја прогонуваат нашата земја од независноста, проблеми за кои цената ја плаќавме ние самите со изгубени шанси и блокирани интеграции кои „11 години стоеја на слеп колосек“.
„Ние денеска можеме заедно со македонското знаме да го ставиме и НАТО знамето, не како резултат на наша амбиција или желби, туку како резултат на наша завршена работа. Ние сме НАТО. Ова си го пишувавме како слоган и го задававме како задача, ни беше инспирација, ама подлабоко од сè во себе се плашевме дали ќе стане и реалност. Бидејќи ни беше на дофат речиси дваесет години, ама дваесет години гледавме дека ни бега таа шанса од рацете. И, навистина благодарејќи на таа храброст, благодарејќи на таа одлука која што се потврди токму во Преспа, денеска Република Северна Македонија е членка на НАТО и ја доби новата преговарачка рамка за преговори со Европската Унија. И, кога ја добивме преговарачката рамка, видовме која е вредноста на Преспа. Не е само НАТО и не е само ЕУ. Туку, Преспа стави печат и на нашиот идентитет и стана потврда на нашиот јазик... И тој Преспански договор заедно со преговарачката рамка ни даваат сила да истраеме за кога ќе си ја завршиме домашната задача, нашиот македонски јазик биде службен јазик на Европската Унија“, рече министерката.
Шекеринска истакна дека токму Преспанскиот договор го даде договорот дали Балканот може поинаку, дали државите од регионот можат да се однесуваат европски.
„Преспанскиот договор е резултат на две балкански нации кои што одлучија да се однесуваат европски. И, тоа за да покаже дека сме созреале како луѓе, сме созреале како држави и дека сме созреале во мислата дека компромисот не е пораз, туку компромисот е победа, победа на разумот над лагите. Преспанскиот договор не е веќе само кај нас, туку во сите европски говори, во сите европски учебници. Ќе биде пример како Балканот покажал свој европски дух и свое европско светло“, истакна Шекеринска.
Порача дека „Преспа форумот“ има шанси да се етаблира заради својот дух, заради политичката инвестиција која е вградена во темелите на овој форум и додаде дека форумот треба да ни помогне нам дома да наоѓаме решенија за своите проблеми, а да биде и добар пример за целиот регион.
За инвестицијата во Преспа, рече, освен политички, ќе има свој економски, инфраструктурен, земјоделски, туристички одржлив резултат и дека оваа инвестиција во Преспа ќе биде нашето наследство.
„Бидејќи цело е кога има сè, ова ќе го направиме да биде центар за младите, младите коишто ќе доаѓаат и од цела Европа и од цел регион, младите коишто ќе доаѓаат не само од политиката, можеби најмалку од политиката, туку од бизнисот, од невладините организации, младите кои што ќе се научат дека без решенија нема одење напред“, заклучи министерката.
Проектот „ЕУ за Преспа“ е финансиран од ЕУ, во висина од 18 милиони евра и истите ќе бидат обезбедени од фондовите за претпристапна помош (IPA III) за 2021 г., додека помал дел од трите соседни земји, опфатени со проектот – Северна Македонија, Албанија и Грција, нагласи на почетокот на своето обраќање министерот Адеми.
Целта е да му понуди на регионот долгорочен и одржлив економски развој, а со тоа и задржување на младите во самиот регион.
„Проектот е подготвен согласно стандардите за градење и имплементација на кои инсистира ЕУ, а компаниите кои ќе работат на проектот и македонските надлежни институции мора да ги почитуваат за да истиот биде спроведлив“, истакна тој.
Министерот Адеми го претстави и „Преспа форумот за дијалог“, како регионален и меѓународен форум за дијалог и соработка, на кој, секој 17 јуни, кога е потпишан Преспанскиот договор, би се организирал настан, на начин како тоа традиционално го реализира Хрватска со Дубровник форумот, а Словенија со Бледскиот стратешки форум. Преспа форумот би претставувал симбол на демократските промени последните три години и подобрената меѓународна позиција на нашата држава. Се очекува, новата Влада да донесе формална одлука за негово основање, заклучи министерот Адеми.
Тој се осврна и на претстојните парламентарни избори, нагласувајќи дека „дилемата не е дали би се вратиле назад, туку каков нов исчекор ќе направиме за да ја претвориме нашата татковина во развиена и просперитетна држава, како и сите други наши европски партнери“.
Идејата е „Преспа форумот за дијалог“ да биде сместен во мултимедијалниот центар, кој е дел од проектот ЕУ за Преспа. Визуелниот изглед на центарот беше претставен од архитектот Ивана Белчева, а со видео порака од Швајцарија на присутните им се обрати архитектот Дамјан Кокалевски.
На настанот присуствуваа граѓани на Ресен и Преспанскиот регион, а на присутните им се обрати и градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски.