Конференција за искуствата од Болоњскиот процес во високото образование
Мобилноста на студентите и академскиот кадар и зголемената проодност од една во друга студиска година се предности на Болоњскиот процес. Слабост е вреднувањето на знаењето на студентите, кои дипломираат само со писмени тестирања и без усно испрашување од професорот. Ова се главните заклучоци од денешната конференција за искуствата од Болоњскиот процес што Република Македонија почна да го воведува пред девет години.
Ректорот на Скопскиот универзитет Велимир Стојковски, кој беше домаќин на конференцијата, рече дека придобивки на Болоња се стипендии, грантови, заеднички студиски програми, компатибилност на нашите кадри, меѓународни програми, поголема интернационализација...Но за тоа што е загубено со пристапувањето кон процесот рече дека е прашање за дискусија.
- Иако Болоња беше дизајнирана студентот да го стави во центарот на процесот, заслужува внимание прашањето дали навистина студентот е во центарот на процесот. Дали со полагањето испити без да се сретне со професорот, со тестови, семинарски, есеи... го ставаме во центарот на овој процес.. Дали е тестот релевантна методологија на оценка на знаењето на студентот и дали кај сите предмети може да биде подеднакво применлив и реален. Се разбира одговорот е не, рече Стојковски. Според него, грешката е и кај самите универзитети зашто Болоњскиот процес го моделирале по своите индивидуални сфаќања или желби.
- Ова не значи дека треба да се откажеме од Болоња. Ова е процес и, како и во секој процес, треба да се застане и да се види што сме направиле и каде треба да одиме понатаму... Позитивното треба да го оставиме и развиваме, а помалку позитивното да се обидеме да го надминеме, додаде Стојковски. Она што треба да се задржи, според него, е мобилноста и европската рамка на квалификации заради заедничкиот пазар на трудот. - Но, треба да се поработи на начинот на вреднување и испитување на студентите, рече Стојковски.
Министерот за образование и наука Панче Кралев на новинарско прашање за македонското во однос на искуствата од Болоња во други земји, изјави дека системите на земјите не треба да се гледаат споредбено.
- Едноставни споредби е тешко да се прават, посебно во образованието. Мора да одредиме наш модел како ќе се движиме во иднина во однос на спроведување на овој процес. Треба да се гледа дали студентот го добива максимумот од знаењето што треба да му биде овозможено. Верувам дека со вакви дебати и сугестии можеме да се движиме напред, рече Кралев.