Во името на граѓаните на Република Северна Македонија Управниот суд на седница одржана на 17 јули, решавајќи по тужбата на тужителот Генерален секретаријат на Влада на Република Северна Македонија преку д-р Драги Рашковски, генерален Секретар на Владата, донесе и јавно ја објави пресудата со која ја уважи тужбата на тужителот Влада на Република Северна Македонија - Генерален секретаријат, и ја поништи одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата како неоснована со што приговорот на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“ поднесен од овластен потписник Игор Јанушев од Велес на 07 јули 2020 година до Државна комисија за спречување на корупцијата го одби како неоснован.
Оваа одлука на Управниот суд доаѓа по поднесениот приговор на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“ во врска со објавениот „Оглас за финансиска поддршка на здруженија и фондации за мерки со справување со КОВИД-19 кризата“, и со потпишување на договори за финансиска помош за исплати на средства од Буџетот на Република Северна Македонија, во период на изборна кампања за предвремени избори за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.
Во образложението на Управниот суд во врска со отфрлањето на одлуката на ДКСК и на приговорот на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“ се наведува дека во конкретниот случај се извршило исплата на средства од Буџет на РСМ, за кое нешто биле донесени одлуки и Програма за давање на финансова поддршка, во вонредна состојба, а исплатата претставувала само реализација на овие одлуки и програми, видно од приложените договори, и дека е ирелевантно дали исплатата е направена пред изборите од 15 јули 2020 година.
Дополнително, Управниот Суд во образложението истакнува дека согласно член 9 став 1 од Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија на 15 Јули 2020 година (објавена во „Службен весник на РСМ“ бр.160/2020 од 15.06.2020 година) од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила па се до денот на престанокот на траењето на вонредната состојба не се применуваат членовите 8-а, 75-г, 75-д и 84-а од Изборниот законик, како и членот 34 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси.
Целта на извршување на договорите, образложува Управниот суд, е пред сѐ давање помош на тие кои им е потребна, финансова поддршка заради постоење на светска криза заради пандемијата од КОВИД-19 за што биле приложени докази дека се испочитувани сите процедури од страна на Генералниот секретаријат на Владата на РСМ, а датата на исплатата не е спорна за судот, односно пораното исплаќање значи побрза финансова помош во условите на пандемијата.