Усвоена иницијативата за формирање агенција за геолошки истражувања

За подобро регулирање на сферата на  геолошко наследство и минерални ресурси со кое изобилува Република Македонија и за привлекување странски инвестиции во оваа сфера ќе се формиора нова институција - агенција за геолошки истражувања.

Ваква одлука донесе денеска Економскиот совет при Владата на Република Македонија со што ја прифати иницијативата од Македонското геолошко друштво и од Комитетот за минерални суровини при Владата.

Kако што изјави државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Соња Лепиткова, ваква институција постоела и порано, но укината е во 1990 година, а во досегашниот период констатирано е дека многу е загубено во поглед на регулирање на оваа сфера.

- Оваа агенција ќе треба да ги врши основните геолошки истражувања кои што понатаму ќе треба да бидат дадени на концесии, ќе мора да ја дигитализира базата на податоци со тоа што ќе се знае кој документ како циркулира и единствено таа ќе може да го издава. Таа ќе врши и советодавна улога на Владата од сферата на минерални суровини која е една од најдвижечките економски гранки во Република Македонија, појасни Лепиткова.

Таа додаде дека законот за формирање на оваа агенција ќе биде доставен до Владата во најскоро време по што треба да биде усвоен во Собранието, а од 1.01.2013 се очекува да почне да работи како институција која ќе ги решава овие проблеми.

На денешната седница на Економскиот совет бил разгледан и Предлог-законот за минерални суровини подготвен од страна на Министерството за економија, кој е изготвен по европски терк. Како што истакна државниот секретар при Министерството за економија Анче Трифунов по повеќе седници на Комитетот за минерални суровини на кои се разгледани новите законски мерки одлучено е да  се оди со  комплетно нов закон.

- Новиот закон ќе значи поедноставување на самата постапка за истражување и експлоатација на минерални суровини. Ќе се скратат многу роковите и процедурите се со цел да се интензивираат работите на ова поле на истражување и експлоатација на минерални суровини бидејќи знаеме дека Република Македонија е земја богата со минерални суровини и ние како Влада планираме што повеќе од тие ресурси да ги искористиме за економски развој, за зголемување на вработеноста и општо за стандардот на граѓаните во Република Македонија, рече Трифунов.  

Тој додаде дека во Законот за минерални суровини ќе биде интегрирано и управувањето со отпад при истражување на минерални суровини.

Досега делот за основните геолошки истражувања одеше преку Министерството за економија. Деталните геолошки истражувања како и дозволата за експлоатација и понатаму ќе останат во надлежност на Министерството за економија што ќе се издаваат по пат на јавен повик согласно Законот за концесија и јавно приватно партнерство. Измени се предвидуваат и во овој закон. Имено, заради поголема транспарентност се предвидува воведување електронско наддавање и при доделување на концесии за детални истражувања и експлоатации на минерални суровини.

Се очекува со ваквите измени да се придонесе за зголемување на инвестициите во сферата на искористување на геолошките ресурси за што е изразен интерес од Агенцијата за странски инвестиции, од промоторите, како и од домашни и странки компании.