Предвидливо деловно опкружување
Со почетокот на преговорите, ќе извршиме усогласување на деловното опкружување со регулативите на ЕУ. Ќе гарантираме предвидливост и во делот на даночната политика. Данокот на добивка останува на ниво од 10% во целиот период 20-24, а предвидуваме ослободување од овој данок при реинвестирање на добивката во 2021 како одговор на влијанието на ефектот од ковид пандемијата. Персоналниот данок на доход се намалува на 0% во 2023 година за ИТ индустријата и тоа скалесто: 5% во 2021, 3% во 2022 и 0% во 2023. Данок на личен доход останува на 10%, но остануваме доследни на воведувањето прогресивно оданочување преку инклузивен процес на разговори и креирање консенсуз за воведување на иститот. Исто така, ќе се отвори процес на разговори за даночниот систем во поглед на соодносот меѓу директните и индиректните даноци, односно за соодносот на оданочување на имотот, доходот и потрошувачката според примерот на развиените земји и спецификите на нашата економија. Остануваме посветени на праведноста во оданочувањето, со понуда на осмислен систем на прогресивното оданочување на вкупните лични приходи, по претходно сериозна и детална анализа и јавна дебата, со фокус на реконфигурирање на концептот на личен доход (семеен доход) и воведување данок на луксуз.
Владата предвидува реконфигурација на ДДВ преку:
- воведување на нов Закон за данок на додадена вредност преку кој ќе се овозможат даночни бенефиции за претпријатијата што се извозно ориентирани на тој начин што при увозот нема да плаќаат ДДВ за суровините и машините што се наменети за извоз. На тој начин тие ќе бидат поконкуретни и ќе располагаат со значително повисоки парични средства;
- Единствена стапка од 10% ДДВ за сите ресторантски услуги;
- Ревидирање на стапките на данок на додадена вредност за суровините за домашните производители и намалување на стапката на ДДВ за земјоделските производители и намалување на стапката на ДДВ за суровините за извозно ориентираните компании
- Намалување од 18 на 5% за занаетчиски услуги;
- Подигнување на прагот за плаќање ДДВ од 2 милиони на 3 милиони годишен промет од 01.01.2022 и изедначување со прагот на ослободување на данок на добивка до 3 милиони денари годишен промет.
Владата ќе го продолжи успешниот Проект „Мoj ДДВ“ и ќе го зголеми лимитот по поединец на 2300 денари за тромесечие и 9200 денари годишно, односно на 36800 денари за просечно четиричлено семејство.
Владата ќе продолжи со навремено, редовно и неселективно враќање на ДДВ кај правните лица.
Со нов Закон за царинска тарифа и забрзано прилагодување (укинување и елиминирање и намалување на висината на царинските стапки царинските тарифи) во сооднос корелација со висината на царинските стапки во Заедничката царинска тарифаи на Европската Унија, Владата ќе обезбеди пониски цени за домашните компании за суровините и репроматеријалите, правејќи ги компаниите поконкурентни за извоз.
Владата ќе создаде услови за одржлива саморегулација во секторот сметкодство и ревизија на корпоративниот сектор, целосна имплементација на Меѓународните сметководствени стандарди за секторот на МСП до 2023 година и прецизирање и подобрување на системот на сметководство и ревизија во целокупниот јавен сектор.
Владата ќе воведе нов данок на промет при уплата на игрите на среќа –во висина на 4% од бруто уплатената вредност. Истиот ќе го плаќаат организаторите на игрите на среќа, а нема да се трансферира на корисниците. Овие средства ќе бидат наменети за поддршка на растот, развојот и општествената одговорност. Воедно, Владата ќе предложи закон за забрана на отворање казина и игри на среќа во близина на училишта, градинки и верски објекти.