Царовска на средба со наставниците: Важно е сите заедно да покажеме грижа кон децата, наставата да почне и покрај сите предизвици

Министерката за образование и наука Мила Царовска и заменик-министерот Арафат Шабани со градоначалникот на Кисела Вода Филип Темелковски и претседателот на СОНК Јаким Неделков денеска го посетија основното училиште „Невена Георгиева Дуња“, каде разговараа со наставниците за подготовките за почетокот на училишната година.

Министерската Царовска нагласи дека оваа училишна година почнува во услови на пандемија, со многу предизвици, но она што е важно е сите заедно да покажеме грижа кон децата и нивниот развој и затоа наставата мора да почне.

„Помина обуката на националните тренери, секој од нив обучи по 40 наставници, што значи околу 1.600 наставници, коишто сега ја спуштаат обуката во самите училишта. Од денеска  лозинките за пристапување на учениците ќе се доставуваат до директорите и тие треба да ги спуштат на ниво на одделенија, за да може да влеземе во тестирање на платформата и нејзино оптоварување, со цел да ги видиме перформансите. Целиот процес е динамичен, го водиме транспарентно“, изјави министерката Царовска.
Учебната 2020/2021 носи многу предизвици, а министерката ја посочи подготвеноста за прилагодувања во од, согласно промените на епидемиолошката состојба.

„За да овој процес биде успешен и да имаме добра учебна 2020/2021 година, навистина ни се потребни сите наставници, сите директори, синдикатот, родителите и учениците за да може да се прилагодуваме согласно настанатите услови. Ковид е состојба која мораме со заеднички сили да ја надминеме најдобро што можеме, секако да се грижиме за здравјето на наставниците и учениците, но и да се погрижиме образованието да тече со квалитет што ќе може да се обезбеди во една ваква пандемија“, укажа Царовска.
Градоначалникот на општина Кисела Вода, Темелковски, рече дека ова е една од редовните координации со МОН за одвивањето на подготовките и постапувањето по протоколите за почеток на наставата.

„Општина Кисела Вода целосно ги почитува сите препораки. Дополнително како општина, со ребаланс на буџетот, за сите општински училишта ќе обезбедиме дополнителни средства за обезбедување технички помагала, така што сите училишта ќе бидат целосно подготвени за да можат да отпочнат со онлајн настава. Само преку координација и соработка меѓу сите министерства и институции може полесно да ја поминеме оваа состојба и да обезбедиме квалитетна едукација за најмладите, а тоа е основна цел на секое училиште“, изјави Темелковски.

За синдикатот, важно е што сите чинители на воспитно-образовниот процес заеднички соработуваат, зашто само така може, во период на пандемија, навреме и успешно да отпочне новата учебна година.

„Во духот на коректниот социјален дијалог и партнерство денеска сме овде повеќе социјални партнери на повеќе нивоа, коишто директно сме инволвирани во подготовка и реализација на образовниот процес. Ние како Синдикат, организација којашто се грижи за обезбедување на правата на нашите членови, на вработените, денес може да констатираме во однос на подготовката на ова основно училиште, се разбира и на другите основни и средни училишта на национално ниво, до каде се подготовките во однос на обезбедување на мерките од протоколите, подготовките за обезбедување техничка поддршка за онлајн настава, до каде се препораките за обезбедување здрава работна средина на вработените во период на пандемија, како ќе се организира физичката настава, како ќе се делат групи, како ќе функционира онлајн наставата. Ова е добар пример на заедничка соработка на сите чинители на воспитно-образовниот проце. Ние како Синдикат сме тука за да помогнеме на актуелните власти кои ја имаат најголемата одговорност за обезбедување коректни услови за отпочнување на учебната година. Тука сме за да бидеме коректори, да бидеме гласни, да укажуваме за се она што не е направено, а мора да се направи за да сите заеднички, безбедно и успешно ја почнеме и завршиме оваа учебна година“, изјави Неделков.