Две нови лаборатории на Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет

На Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје денеска беа пуштени во употреба две нови лаборатории од владиниот проект за набавка и опремување на 190 лаборатории за јавните високообразовни институции во Македонија.

На отворањето присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерот за образование и наука Панче Кралев и ректорот на Скопскиот универзитет Велимир Стојковски.

- Вредноста на двете лаборатории е приближно 500 илјади евра. Едната има цел детаљно да ги анализира состојките во различни производи кои се пласираат на пазарите, а другата е компјутерска и ќе служи за голем број истражувања на Институтот за хемија. Иако примарна цел на лабораториите ќе биде да ја помагаат и стимулираат научно-истражувачката дејност на овој факултет, ќе им користи и на заинтересираните компании за специфични анализи, изјави министерот Кралев.

Тој очекува до наредната година да биде заокружен цел проект од 190, со вкупна вредност од 60 милиони евра, за кои тендерите ги распишува Министерството за образование и наука.

Деканот на ПМФ Дане Гершановски е задоволен од тоа што нивниот факултет на тендерот добил најмногу, шест лаборатории.

- На следниот тендер очекуваме исто така шест лаборатории. Сметам дека заслужуваме. Институтот за хемија е водечки во државата во сите области во однос на објавување трудови во странски списанија со импакт-фактор. Лани од овој институт излегоа 75 вакви трудови. Со  лабораториите знаеме како да работиме и се надеваме дека ќе возвратиме соодветно, не само за научно-истражувачки цели, туку и пошироко за апликативна дејност, рече Гершановски.

Истакна дека Институтот е отворен за соработка со сите што имаат потреба за најсофистицирани мерења, како примеси или траги од отрови во некој материјал, зрачења итн. Нивните услуги ги користат Царинската управа и големи фармацевтски компании.