Царовска и Арифи во посета на училиште во Тетово: Најважно е сите да соработуваме за да имаме успешна училишна година

Министерката за образование и наука Мила Царовска, заменик-министерот Арафат Шабани и градоначалничката на Тетово Теута Арифи денес го посетија општинското основно училиште „Кирил и Методиј” во Тетово, каде наставата ќе се одвива со физичко присуство од прво до трето одделение,  а во погорните одделенија со настава од далечина.

 ​“Ако заедно се соочуваме со предизвиците, тие полесно се надминуваат. Ова се покажува и во училиштето ’Кирил и Методиј’ каде соработката на локалната самоуправа и училиштето, како и целосното вложување на наставниците резултираат со подготвеност за старт на училишната година на двата начини. Видовме дека се почитуваат мерките и протоколите за безбедно одвивање на наставата, направено е обележување на патеките, набавени се топломери а клупите се поставени на пропишаното растојание. Наставниците се вклучени во тестирањето на онлајн платформата“, изјави министерката Царовска.

Градоначалничката Арифи истакна дека соработката на сите нивоа ќе биде клучна за одвивањето на наставата во услови на пандемија.

„Сите сме свесни дека ова е чувствителен период, школска година што не личи на други. Сите мора да бидеме солидарни и со разбирање во целиот овој процес“, рече градоначалничката Арифи, заблагодарувајќи се за реконструкцијата на покривот на училиштето направена со средства на МОН.

 ​Во исклучително кус рок, МОН, ФИНКИ, општините и училиштата воспоставуваат сложен систем за онлајн учење а министерката Царовска нагласи дека во тест фазата, што е во тек, се детектираат и надминуваат сите предизвици. Токму затоа сите вклучени во процесот, заедно со родителите и учениците, треба да дадат поддршка и да покажат разбирање, се со цел да се реализира квалитетна настава и во услови на пандемија.