Средба на министерката Шахпаска со претставничките на „Глас против насилство“ : Борбата против насилството врз жените и семејното насилство е наш заеднички приоритет

Министерката за труд и социјална политика денеска се сретна со претставничките на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство - „Глас против насилство“, мрежа која опфаќа дваесетина граѓански организации кои работат на полето на спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство во нашата држава.

На средбата се разговараше за тековните активности на мрежата и организациите, соработката со Министерството за труд и социјална политика и другите надлежни институции вклучени во процесот со единствена цел,  унапредување на политиките и праксите во борбата против насилството врз жените и семејното насилство.

Од страна на претставничките на Националната  мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, беа посочени досегашните проекти  и активности кои се преземаат со цел помош и поддршка на жените жртви од насилство. Интервентен женски фонд ,  наменет за помош на жени кои се жртви на насилство и кои сакаат да ја напуштат насилната средина, преку обезбедување медицинска документација, извештаи од специјалисти, бесплатна правна помош, како и други итни мерки за поддршка на жената да излезе од насилната врска. Потоа, куќа за отворено домување за жени жртви на семејно насилство, со целосна финансиска и психо-социјална поддршка на жените сместени во неа  и други активности.

„Наша заложба како Министерство е  унапредување на човековите права, еднаквост и борба  против секаков вид на насилство . Тоа се нашите приоритети  и продолжуваме и понатаму со силна поддршка на сите граѓански организации кои се наши партнери во превенцијата и спречување на насилството “, -порача Шахпаска.

Министерката за труд и социјална политика изрази подготвеност на целосна поддршка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство во заложбите за унапредување на социјалните сервиси и услугите кои ги даваат на жените жртви од насилство и семејно насилство.