Филипче: Мора сите максимално сериозно да пристапиме кон претстојниот период - Препорачани нови мерки за спречување на понатамошно ширење на ковид-19 вирусот

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција потенцираше дека согласно актуелната епидемиолошка слика и анализите на Институтот за јавно здравје, на состанокот на Комисијата за заразни болести донесена е одлука за препорака на нови мерки со цел спречување на понатамошно ширење на КОВИД-19 вирусот.

„Се забранува групирање на граѓаните во домовите на семејни прослави, слави и други собири во групи. Во едно живеалиште (стан или куќа) сопствениците дозволено е да примат најмногу четири лица. Односно, на семеен настан може да бидат сите кои се со живеалиште на таа адреса плус најмногу четворица други. Анализите покажуваат дека сериозен процент на ново заразени се токму заразени на ваков тип на настани и ова мора да го превенираме. Со оваа нова мерки дополнително ќе се избегне забавите од кафулиња и барови да се префрлат во домашни услови. Се забранува групирање на јавен простор после 22:00 часот на повеќе од 4 лица. Од истите причини, забрануваме групирање по паркови, бензински пумпи или било каде на отворено на поголема група граѓани“, истакна министерот Филипче.

Тој информираше дека се воведува и задолжително носење на маски или заштитна опрема во форма на бандана, шал или друг вид прекривка на носот и устата, секаде при престој на отворено, на затворено во било кои јавни објекти, на работно место, и во јавен и приватен транспорт.

Исклучок од ова правило се прави при спортување на отворен простор и на затворено со почитување на протоколите за заштита (дистанца, дезинфекција и слично), при транспорт во приватно моторно возило ако сите лица во возилото се од едно семејство или живеат во заедничко домаќинство, потоа при седење во угостителски објект со почитување на соодветните протоколи за дистанца и дезинфекција. Понатаму, при престој во службени простории – канцеларија ако лицето е само во просторијата. Исклучок од задолжително носење на маска имаат и децата до 6 години, односно до претшколска возраст.

Овие препораки за нови мерки Комисијата за заразни болести ќе ги достави до штабот и Владата за усвојување.

„Состојбата со вирусот е многу сериозна, токму онака како што со месеци најавувавме дека може да се случи. Европа и светот постепено се затвораат со силни рестриктивни мерки кои е очигледно дека не може да ги избегне ниту една земја. Како ќе се развива состојбата кај нас, во која насока ќе се движиме, колку брзо ќе го стабилизираме и овој удар зависи само од една работа, а тоа е однесувањето на граѓаните и почитувањето на сите мерки и препораки кои се на сила. Потребно е одговорно и совесно однесување за да превенираме пренатрупување на болниците, тоа не смееме да го дозволиме. Потребна е сериозна поддршка од граѓаните. За ова се подготвувавме, за ова информиравме со месеци наназад и сега е време сите максимално сериозно да пристапиме кон претстојниот период. Воопшто не е тешко и комплицирано да се следат основните правила за заштита. Сега веќе не верувам дека има човек којшто точно не знае како да се заштити себе и другите, сега е само прашање на волја и да се придонесе во битката со вирусот, личната заштита и заштита на сите граѓани“, изјави Филипче.