Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев прими делегација на Сојузот на борците предводена од претседателот на главниот одбор на сојузот Никола Стојаноски, придружуван од потпретседателот на главниот одбор Борко Зафировски.
На средбата, на која присуствуваа и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, и националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка Роберт Алаѓозовски, премиерот Заев истакна дека Владата останува и понатаму посветената на поддршката на Сојузот на борците во негувањето на традициите и на светлите датуми од Народно-ослободителната борба за зачувување и чествување на остварувањата од кои се роди македонската државност.
Премиерот Заев истакна дека во таа насока Владата ќе ги поддржи сите активности на Сојузот на борците кои идната година со серија свечености ќе го одбележат големиот јубилеј - 80 години од народното востание.
Претседателот Никола Стојановски, и потпретседателот Борко Зафировски, во име на организацијата на борците, му ја честитаа изборната победа и повторниот избор за претседател на Владата на премиерот Заев, и беа пренесени изразите на поддршка на членовите на Сојузот на борците на големите чекори и успеси на глобален план, односно членството во НАТО и отворањето на преговорите со ЕУ. На средбата беше истакнато дека Сојузот на борци го асоцира патот за членство на нашата земја во ЕУ, успесите во зачувувањето на идентитетот како и членството во НАТО како борбата на модерното време и на оваа генерација, бидејќи се остварување на стратешки цели зацртани во визијата и вредностите на основоположниците на Сојузот на борците.