Ристовски: Голема е веројатноста социјалните работници кои нема да се лиценцираат да останат без работа
Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски денеска ја посети Комисија за лиценцирање на стручни работници во установите за социјална заштита при Заводот за социјални дејности, која што официјално започнува со проверката на имплементацијата на стручните знаења, како дел од процесот на лиценцирање на стручните работници во установите за социјална заштита.
- Доколу некој од стручните работници смета дека ова го правиме зашто сакаме да им направиме дополнителен товар грешат. Ова го правиме во интерес на корисниците. Вработените кои работат со странки потребно е да имаат специјализација и зголемување на квалитетот и компетентноста. Веројатноста е голема да изгубат работа оние стручни работници кои нема да изготват трудови и нема да влезат во процесот на лиценцирање. Затоа апелирам до сите кои не се лиценцирале да го сторат тоа, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Освен веќе вработените, лиценци ќе мораа да имаат и дипломираните студенти кои ќе сакаат да се вработат во социјалните институции.
- Со ова нема да може да се шири лошиот глас дека вработените во стручните служби не знаат да проценат и прават пропусти и ќе докажат дека работат во насока на подобрување на услугите кои ги нудат на корисиниците, рече министерот за труд и социјална политика.
Основна цел на лиценцирањето е подигање на квалитетот на услугите во установите за социјална заштита и постигнување на повисоки професионални стандарди. За да добијат лиценца стручните соработници ќе треба да изработат стручен труд самостојно или во група од петмина стручни работници, а ќе ги оценува комисија од професори од Катедрата за социјална работа и политика при Филозофскиот факултет.
Лиценцирањето започна пред крајот на минатата година, а во февруарската сесија се доставени 160 трудови изработени од 550 стручни работници, до крајот на септември пак се очекува да аплицираат уште 700 стручни лица.