Oдбележан Светскиот ден на потрошувачите
Поактивно промовирање на законската регулатива од областа на надзорот на пазарот, транспарентно информирање на јавноста, изработка на промотивни материјали, организирање медиумски кампањи, воспоставување на механизми за комуникација и размена на податоци меѓу институциите и зајакнување на нивниот капацитет, размена на информации преку системот за брзо информирање и проток на информации РАПЕКС со земјите членки на ЕУ, како и јакнење на соработката на меѓународно ниво и со невладиниот сектор.
Ова се дел од предлог заклучоците и препораките за ефективна заштита на потрошувачите што произлегоа од денешната тркалезна маса на тема „Ефективен надзор на пазарот - заштитен потрошувач“ организирана од Министерството за економија по повод 15 Март, Светскиот ден на потрошувачите.
- Светскиот ден на потрошувачите е наш заеднички ден, бидејќи сите ние сме потрошувачи и тоа директно и секојдневно. Министерството за економија ефективно врши надзор на пазарот и со тоа сака да обезбеди заштита на здравјето и безбедноста на потрошувачите, заштита на нивните економски интереси и заштита на животната средина, порача министерот за економија Ваљон Сарачини на денешната прес-конференција одржана по завршувањето на трибината.
Заштитата на потрошувачите, нагласи, потекнува од обврската согласно Законот за заштита на потрошувачите, а целта е да обезбедиме нашите потрошувачи да ги уживаат истите права како и потрошувачите од земјите членки на Европската унија.
- Министерството за економија формираше Координативно тело составено од претставници на 12 инспекциски надзори, координирано од Државниот пазарен инспекторат и во активна соработка со Царинската управа за да се обезбеди влез на безбедни производи на нашиот пазар, рече Сарачини.
Од денеска најави координиран настап на инспекциските органи кон трговците, а не контрола од посебни инспекциски органи.
Директорот на Царинската управа Ванчо Каргов истакна дека Царината веќе подолго време претставува еден вид на координатор и субјект кој треба да ги констатира состојбите во сите инспекции, особено оние кои работат на контрола на квалитетот и безбедноста на производите.
- Со инспекциите мораме да работиме заедно дали на граничните премини или, пак, во внатрешните царински испостави. Соработката се повеќе се унапредува како со Пазарната инспекција така и со Агенцијата за храна и ветерина, Земјоделскиот инспекторат, Санитарниот инспекторат, Транспортниот инспекторат, ... и квалитетот се повеќе доаѓа до израз, рече Каргов.
Координаторот на Координативното тело за надзор на пазарот и директор на Државниот пазарен инспекторат Елизабета Чингаровска потврди дека имаат интензивна соработка со Царинската управа.
- Во последниот квартал од 2011 година извршени се 340 надзори по известување од страна на Царинската управа за нецелосна документација на производите што би требало да се внесат на македонскиот пазар. При тоа три типа на производи за кои беше утврдени дека се небезбедни беа повлечени од пазарот и им беше забрането нивното натамошно пуштање на нашиот пазар, рече Чингаровска.
Во текот на минатата година, нагласи, примени се 2.694 поплаки од страна на потрошувачите за несоодветен производ или несоодветна услуга што им била дадена.
- Пазарниот инспекторат ги има исконтролирано и 90 отсто од случаите се решени во корист на потрошувачите. До основните судови поднесени се 32 барања за поведување на прекршочна постапка и 107 до Комисијата за одлучување по прекршок. Во координирани активности со Царинската управа и другите инспекторати Координативното тело има извршено 390 надзори, а во 28 случаи се дадени решенија за забрана за пуштање во промет на производи со определен рок за отстранување на недостатоците, рече Чингаровска.
Таа нагласи дека не се задоволни од работата на судските органи, бидејќи, како што кажа, во многу случаи застаруваат делата или, пак, се изрекуваат поблаги казни кои не го постигнуваат саканиот ефект.
- Зголемувањето на бројот на преставките укажува дека потрошувачите повеќе си ги познаваат своите права, а не дека трговците нудат полоши или понебезбедни производи, потенцира Чингаровска.
Претседателот на Организацијата на потрошувачи на Република Македонија (ОПРМ) Маријана Лончар Велковска нагласи дека едукацијатa на потрошувачите за нивните права е битна колку и надзорот на пазарот.
- Улогата на ОПРМ е да ги канализира барањата, жалбите и поплаките од потрошувачите и на некој начин да ги решава. Лани пристигнаа 3.330 вакви барања што е помалку во однос на 2010 година. Најголем дел од поплаките се за проблемите од гаранцијата на производите, за неквалитетни производи, за лоши јавни услуги, за услугите на банките, како и за проблемите во домувањето. Од нив 1.505 се во Скопје, рече Лончар Велковска.
Лани, додаде, имале за 2.000 повеќе посети на нивната веб страница во однос на претходната година.