Сарачини се сретна со претседателот на Европскиот завод за патенти и на Европската патентна организација, Батистели

Промоцијата на индустриската сопственост во Македонија, како и владините определби за креирање на политики за конкурентна економија заснована на знаење беа тема на разговор на денешната средба на министерот за економија Ваљон Сарачини со претседателот на Европскиот завод за патенти и на Европската патентна организација, Беноа Батистели.

На средбата, како што информираат од Министерството за економија, министерот Сарачини истакна дека и во иднина ќе продолжи да се продлабочува соработката со Европската патентна организација и ја поздрави одлуката на Организацијата да го овласти Европскиот завод за патенти да отпочне со проектот за машински превод на пријавите и патентите на јазиците на државите членки, односно можноста поднесувањето на пријавите на патенти да биде на македонски јазик.

На средбата беше посочен и интересот на Република Македонија да биде застапена во Европскиот завод за патенти, преку вработување на македонски државјани, особено на позиции во телата и посебните комитети на Организацијата.

Посетата на претседателот Батистели е во рамките на редовните активности на секој новоименуван претседател на Европскиот завод за патенти да ги посети државите членки на институцијата со која раководи.

Македонија стана 38-та полноправна држава членка на Организацијата, откако Собранието на Република Македонија во септември 2008 година ја ратификуваше Европската патентна конвенција, која стапи во сила на 1 јануари 2009 година.